Новости

Битола инфо

Битолските здруженија по повод Осми Април – Меѓународниот ден на Ромите

Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април официјално е прогласен во 1990 година на Светскиот конгрес на Меѓународната унија за Ромите во Полска. На конгресот претставници на Роми од 14 држави донесоа одлуки за знаме, химна, за прогласување на ромскиот јазик и за воведување на терминот Ром. На Првиот конгрес на Роми во Лондон во 1971 година, ромскиот јазик е деклариран како официјален јазик на сите Роми во светот. Оваа година заради вонредната состојба заради коронавирусот нема прослави како изминатите прослави. Со цел да го одбележиме овој ден, контактиравме дел од здруженијата кои ги застапуваат интересите на ромската заедница во Битола.
,,Годинава поради состојбата со вирусот, ќе биде во рамки на превенција на здравјето на граѓаните и преживувањето – опстанок пред се. Да не заборавиме на најранливата категорија граѓани меѓу ромската популација, а тоа се собирачите на шишиња, железо и картони на коишто им е потребна храна и хигиенски средства. Овие луѓе немаат никаква социјална парична помош, а уште помалку редовно вработување. Ним им е потребно брзо вклучување во социјалната заштита, посебно на оние коишто се избришани од евиденцијата. Со одбележување на 8 Април како Светски ден на Ромите, се афирмира потребата од уште поголема активност за интегрирање на ромската популација во сите сегменти на општествениот живот. Ромската заедница е составен дел од нашата држава и од македонското мултиетничко општество во кое заеднички треба да ги почитуваме традиционалните вредности и културните особености на сите кои живеат во неа. Со негувањето на овие вредности ја јакнеме меѓусебната доверба, а со тоа градиме успешна иднина за сегашните и за генерациите што доаѓаат“, апелира Фатма Бајрам Аземовска, претседател на СУМНАЛ, здружение за развој на ромската заедница.

Честитка упати и Самедин Канановски, директор на Центарот за интеграција на Ромите од Битола НЕВО ДРОМ.

„Најнапред да им го честитам празникот на сите Роми во Македонија. Да ја искористам приликата да упатам апел до Владата  што повеќе да се залага во однос на ромското прашање особено во овие тешки моменти, кога е зафатен целиот свет од коронавирусот, а особено нашата држав. Благодарност до претседателот Стево Пендаровски за упатената честитка кој што ја упати до сите Роми“, рече Канановски.

 

И Центарот за развој на ромската заедница “Баирска Светлина” на сите припадници од ромска националност им го честита интернационалниот ден на Ромите.

„Притоа повикува на единство и поголема упорност во остварувањето на своите права. И покрај тоа што во изминатите години се спроведуваат различни иницијативи како меѓународни така и во рамките на државата. Сепак Ромите се на маргините од општеството и се повеќе се зголемува јазот помеѓу нив и останатите заедници во Македонија. И покрај тоа што светот е загрижен од пандемијата на корона вирусот. Сепак како дел од движењето Аваја(Доаѓаат) организиран е online настан“, истакна Ремзи Медик, претседател на „Баирска светлина“.

 

Ромите се народ од индоевропско потекло, раселени секаде низ светот и немаат своја матична држава. Најмногу Роми има во Турција, Романија, Шпанија, Унгарија, Бугарија, а ги има и во останатите европски држави, ги има и во Америка. Првите доселувања на Роми во нашата земја е од Средниот век. Според последниот попис од 2002 година, застапеноста на Ромите од вкупното население во Македонија, изнесува приближно 2.66% (53.879) со што Ромите се четвртата по големина етничка заедница во државава (по Македонците, Албанците и Турците.

GOLD
To Top