Новости

Битола инфо

Битолските улици се прскаат со калциум магнезиум ацетат

Општина Битола почна со третирањето на градските сообраќајници со калциум магнезиум ацетат, како една од мерките за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух.

1

Во оваа фаза се третираат најфреквентните сообраќајници во овој град, односно улиците „Партизанска“, „Васко Карангелевски“, „Булевар 1 Мај“, „Филип Втори Македонски“ и „Прилепска“.

„Денес започнавме со една акција, која е и прво искуство за нас, со ЈКП „Комуналец“ адаптиравме едно возило кое што е оспособено да прави прскање, кое што нанесува емулзија од калциум магнезиум ацетат, која што емулзија хемиски е прилагодена да ги привлекува ПМ10 и ПМ2,5 честичките. За нанесување на таа емулзија треба посебни услови така да денес денот е погоден за тоа и ќе се направи една обиколка со прскање по улиците „Партизанска“, „Васко Каранѓелевски“, „Булевар 1ви Мај“, „Филип Втори Македонски“, „Прилепска““, рече градоначалникот на Битола, Владимир Талески.

Возачите во градот треба да ја намалат брзината на возење, максималната брзината во градот во овој период треба да биде до 40 километри /час, затоа што емулзијата е лизгава и треба внимателно да се вози.

Калциум магнезиум ацетат е средство кое се користи за контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата. Средството е еколошки производ, биоразградлив, не е штетен за растенијата (погоден е за апликација во близина на паркови и зелени површини), а најважно е што не е корозивен (нема да предизвика оштетување на возилата). Производот е лесен за апликација и целосно е стабилен. Искуствата од европските градови каде што се користи ова средство укажуваат дека со негово аплицирање потенцијалот за намалување на прашината е од 10 до 30 проценти.

Со ова средство ќе се прска и во наредниот период кога ќе има потреба и кога ќе дозволуваат временските прилики.

Евротип
Евротип
To Top