Новости

Битола инфо

Битолски основци се самоповредувале со нож под влијание на „Синиот кит“ и „Момо“

Четворица ученици од битолското училиште „Коле Канински“ се самоповредувале со сечење вени под влијание на интернет игрите „Синиот кит“ и „Момо“. Директорот на училиштето го потврдува случајот, кој се случил пред околу еден месец.

-Првично ги откривме децата кои се самоповредуваа, ги известивме родителите, ги повикаме на разговор и децата. Дел од родителите побараа помош и во Центарот за социјални грижи. Презедовме мерки и ги проверувавме учениците да не носат ладно оружје. Опасностите од овие игри можат да чинат и живот. Јас не знам ни на што може да наведат тие игри, моите познавања се само од учениците, вели Зоран Мирчевски, директор на ОУ „Коле Канински“ Битола.

Според директорот, биле во дилема дали да преземат мерки бидејќи се случило надвор од училиштето, но бидејќи биле воспитно-образовна институција, сепак одлучиле да преземат мерки.

-Ја покренавме на повисоко ниво контролата на учениците, како за време на часовите, така и на подморите, зајакнато дежурство на наставниците, правиме контрола што внесуваат. Кај нас во училиштето полицијата доаѓа во рутинска контрола, во тој период беше актуелен случајот, им го објаснивме. Пратија претставници наредниот ден, разговаравме, со тоа беше запозната полицијата, истакна Мирчевски.

Неофицијално, слични случаеви се забележани и во други битолски училишта. Од битолската болница пак велат дека случај на ученик кој се самоповредил на таков начин кај нив не е регистриран.

GOLD
To Top