Новости

Битола инфо

(Видео) Виолета Томовска засади дрво во Алејата на добитниците на наградата за животно дело во Битола

Годинешниот добитник на наградата за животно дело Виолета Томовска денеска во Градскиот парк во Битола засади дрво, со што Општина Битола во соработка со ЈП „Кoмуналец“ ја отпочна традицијата на создавање на Алејата на добитниците на наградата за животно дело.

На иницијатива на градоначалникот на Општина Битола, Наташа Петровска, од оваа година добитниците на 4-то ноемвриската награда за животно дело ќе засадуваат по едно дрво во посебно наменетиот простор во Градскиот парк. До секое засадено дрво, ќе се наоѓа и натпис со името на добитникот и годината на засадување.

„Знаеме дека секоја година по повод 4 Ноември се доделува и наградата за животно дело, меѓутоа настанот се случува само тој ден, остануваат спомените на луѓето, плакетата која што ја добиваат и евентуално по некој видео запис или фотографии. Одлучивме да дадеме нова нишка на овој  настан, нов белег, да оставиме траг, да имаме една нова иницијатива за нешто што треба да биде традиција, од оваа година па и во иднина, секоја година добитникот на наградата за животно дело да посади по едно дрвце. Започнуваме со оваа локација каде што ќе продолжи засадувањето и во наредните години, нешто што покажува дека од една страна сакаме да оставиме траг и белег на таа награда, да се сеќаваат и генерациите кои што доаѓаат, а од друга страна да си го оплемениме нашиот простор во Битола“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Во Алејата на добитниците на наградата за животно дело, годинава, честа прва да го оплемени просторот со засадување ја имаше овогодинешната добитничка Виолета Томовска.

„Многу сум среќна што во мојот град, прва меѓу добитниците на наградата за животно дело која ја добив синоќа, ја имам честа да ја започнам оваа иницијатива. Верувам дека ова е прекрасна иницијатива, затоа што верувам дека дрвото ќе ме надживее и мене. Јас веќе имам 73 години, меѓутоа се радувам што имам некој свој јубилеј од операцијата на карцином пред 35 години, а и на тоа поле може уште повеќе да соработуваме со општината, за здравјето на жените. За мене наградата е голем поттик, да ми се продолжи животот, иако јас сеуште пеам, па може и повторно во Битола да имам некој концерт. Синоќа имав трема кога видов дека сите гости станаа на нога, но неколку такта сепак успеав и да испеам пред битолчани. Со засадувањето на дрвото, имам и обврска да бидам почест гостин во градот и да го следам неговиот раст“, истакна Виолета Томовска.

ЈП „Комуналец“, под чија надлежност е одржувањето на садниците во Градскиот парк, ја изнајде соодветната локација, веднаш до детското катче во Градскиот парк.

„Посебен момент на радост кај мене предизвика веста за добитничката Виолета Томовска и иницијативата на градоначалничката Наташа Петровска ја прифатив веднаш. Изнајдовме соодветна парцела, кое што ќе биде посебно паркче-алеја, кое дополнително ќе се уредува, така што наредната година ќе има уште подобар изглед, а дотогаш, наша е грижата како ЈП „Комуналец“ да се грижиме ова засадено дрвце, да го негуваме на начин како што треба“, посочи Панде Богоевски, директор на ЈП „Комуналец“.

GOLD
To Top