Новости

Битола инфо

Виолета Томовска ја доби наградата за животно дело на Општина Битола

Синоќа во салата на Народниот театар во Битола беа доделени годинешните четвртоноемвриски награди. Свечената церемонија започна со емитување на краткиот филм „Наши визии за Битола“, во која беа претставени едногодишните проекти на Општина Битола.

Претседателот на Советот на Општина Битола, кој воедно беше и претседател на Управниот одбор на Фондот  за наградата „4-ти Ноември“ ги соопшти добитниците на трите едногодишни награди и добитникот на наградата за животно дело.

Општинската награда „4 Ноември“ за 2018 година им беше доделена на:

Доц. д-р Александар Литовски, заради остварувања во областа на литературата, издавањето и влијанието на неговата последна книга „Нашето националистичко пијанство“. Книга од особено значење, збир на еден труд со пишан збор каде што изврши влијание врз критичната мисла на секој човек во општеството. Неговата книга, е книга чија содржина се собирала од 2015-2017 година, односно во време на големи промени и превирања како во нашата држава, така и во Битола.

Јован Василев е добитник од областа на спортот заради неговите достигнувања во сезоната 2017/2018 година како претседател на женскиот ракометен клуб Пелистер за освојувањето на третото место во првенството и обезбедувањето на пласман во европските ракометни купови.

Проф. д-р Иван Додовски – универзитетски професор по критичка теорија, литература и културологија на Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС), заради неговите достигнувања во областа на науката и културата, за неговата значајна студија „Мало фолио за театар“ објавена во 2018 година, која се однесува на развојот на театарот во Битола и претставува капитален придонес во историјата на културата на градот Битола и на македонскиот театар и култура воопшто.

Општинската награда „4 Ноември“ за животно дело ја доби Виолета Томовска.  Неповторлива Битолчанка, доајен на Македонската фолклорна музика, добитник на многу признанија и награди во земјата и ширум светот за нејзините музички изведби. Виолета Томовска, на битолчани им се обрати со песна за Битола и истакна:  „Многу ми е мило што оваа награда доаѓа од овој град зашто Битола секогаш е во мене иако живеам во Скопје или по светот“.

Иван Додовски, кој се обрати во име на наградените од едногодишните награди посочи:

„Секоја генерација има своја борба, нашиот подвиг е со професионализам, трудољубивост и чесност да ја збогатуваме мерата на успехот зацртаната од светата традиција на нашите предци. Прадедо ми беше илинденец, дедо ми партизан, а татко ми пред точно 22 години добивајќи ја оваа иста награда го кажа ова дека секоја генерација треба да даде свој придонес за да извојува достоинство и да ја заслужи слободата. Битола заслужува подем во културата, науката, спортот и сите други области“, рече Додовски.

Наградите на добитниците им ги додели градоначалничката Наташа Петровска, која на говорницата им се обрати на присутните и на наградените, посочувајќи го нејзиното гледиште за Битола во изминатата година.

„Беше тоа година во која мојата филозофија гледаше смисла во палењето на светлината, наместо да се говори за сенките на лавиринтите. Важно е да не се изгуби вербата дека Битола не треба да има само еден саниран влез во градот, верба дека Пелистерието треба да се заврши целосно во канализационите зафати што ги започнавме и да се заштити животната средина. Стремежот е место да чистиме канали што по 30 години не виделе механизација, да имаме канали со слободен тек за кои би имале изградена култура на редовно одржување“, рече Петровска.

Свеченоста по повод 4 ти Ноември беше збогатена со културно уметничка програма на која настапија дел од членовите на Камерниот оркестар на Битола и танцовниот клуб „Степ ап“ од Битола.

GOLD
To Top