Новости

Битола инфо

Во Битола се одбележува Европската недела на мобилност

ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА МОБИЛНОСТ е манифестација на ЕУ која секогаш се одржува од 16 до 22 септември, со цел промоција на одржливи транспортни мерки, а кај граѓаните јакнење на јавната свест за користење на алтернативни видови на превоз наспроти автомобили.

Од почетоците во 2002 година, влијанието на НЕДЕЛАТА НА МОБИЛНОСТ постојано расте и низ Европа и низ целиот свет, за да оваа година ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА МОБИЛНОСТ во 50 земји и скоро 2600 градови го носи слоганот “Mix & Move“ или МУЛТИМОДАЛНОСТ која повикува на користење на различни начини на превоз од изворот до целта на патувањето.

 Општинскиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Битола, вложи напори да Општина Битола за ПРВ ПАТ оваа година се придружи кон ова големо европско семејство.

Со денешниот настан и во нашиот град се одбележа 19 Септември како ЕВРОПСКИОТ ДЕН БЕЗ ЖРТВИ ВО СООБРАЌАЈОТ, кој од 2016 година во рамки на EDWARD проектот е дел од неделата на мобилност.

„Со акцијата денес ја поддржавме започнатата кампања на Геосфера Битола, во соработка со ООУ Елпида Караманди Битола. За нас, водечка идеја при планирањето на акциите е ИНТЕГРАЦИЈА на институции и здруженија, за поддршка и промоција на мерки со кои ќе обезбедиме сеопфатна анализа на можностите за подoбрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во Битола, но и да им укажеме дека одговорноста е поделена помеѓу сите учесници во сообраќајот, дека сите треба да ги почитуваат правилата и прописите и дека секое сообраќајно решение треба да биде предмет на претходна детална анализа.

Сите корисници на патот, а посебно возачите ги повикуваме дури и за момент да размислат за ризикот со кој се соочуваат, за ризикот во кој ги ставаат другите со несовесното однесување во сообраќајот (ненавремено запирање на пешачки премин, пребрзо тргнување, неодржување на безбедно растојание, …алкохол, високи брзини) и за тоа како можат да ги намалат тие ризици.

Впрочем, продолжуваме со превентивни мерки со вклучување на најмладите учесници во сообраќајот – децата, кои и постојано се дел од акциите на Републичкиот Совет.

За Сабота, најавуваме мерка ДЕН БЕЗ АВТОМОБИЛ! Ќе го поддржиме настанот ДЕТСКА КРИТИЧНА МАСА НА ВЕЛОСИПЕД, во организација на здружението Битола на Точак. Со оваа мерка во повеќето градови и во Битола ќе заврши неделата на мобилност, со промоција на 22Септември како „СВЕТСКИ ДЕН БЕЗ АВТОМОБИЛ““, истакна д-р Јасмина Талевска, претседател на Општински совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Битола.

„Ја поддржувам оваа акција и потврдувам дека секоја одговорна локална самоуправа само во соработка со граѓаните, со невладините организации, со стручни лица, може да дојде до вистинските решенија кои што би биле решенија на проблемите на граѓаните. Овој пешачки премин е фреквентен и опасен за децата, во локалната самоуправа веќе го имаме детектирано,  разговарано е на колегиум дека едно од решенијата може да биде поставување на семафори, но оставивме стручни лица со подетална анализа ова да го обработат, за да се дојде до вистинското решение во интерес на граѓаните. Ова нека биде мотив повеќе за сите организации и здружениеја на ваков начин, во соработка со локалната самоуправа, да се најде решение за проблемите на граѓаните“, рече м-р Наташа Петровска, градоначалник на Општина Битола.

Регионалното географско друштво „Геосфера“ е иницијатор на оваа кампања за подигнување на свеста кај граѓаните и сите надлежни институции за поставување на семафори на повик на улицата „Васко Карангелевски“.

„Очекуваме стручните лица да дадат придонес во изработката на елаборат за предложеното сообраќајно решение и да овозможат безбедно поминување на децата низ оваа улица, но и низ други улици во градот во близина на основните и средните училишта. Ова е единствена улица каде што треба да се поминат четири коловозни ленти наеднаш и е проблематична за децата“, рече Мите Ристов, претседател на регионалното географско друштво „Геосфера“.

Кон акцијата се приклучија родители чии деца го посетуваат Дневниот центар на лица со пречки во развојот, поддржани од претседателката на здружението „Ретки и различни, дечиња со посебни потреби“, претседателката на здружението на деца со церебрална парализа „Емануел плус“ и претседателката на здружението „Еднородителски семејства“, кои побараа овој настан да ја поттикне свеста кај сите граѓани во моментите кога деца ја преминуваат  улицата, особено кога улица преминуваат деца со пречки во развојот.

„Помогнете им на лицата со попречености. Немојте да им го отежнувате уште повеќе нивниот живот, кога гледате лице со било каква попреченост. Дозволете им на родителите и нивните деца да преминат на пешачки премин и имајте трпение за тоа“, апелираа од овие здруженија.

GOLD
GoldSlot
To Top