Новости

Битола инфо

Втор повик до училиштата за аплицирање за млади истражувачи

Претставник на Фондот за иновации и технолошки развој, во салата на Советот на Општина Битола, пред директорите и професорите на битолските основни и средни училишта го презентираше годинешниот повик за награди под наслов „Предизвик за млади истражувачи“.

До 31 март, сите основни и средни училишта можат да аплицираат на отворениот повик од страна на Фондот за иновации и технолошки развој и да учествуваат на Предизвикот за млади истражувачи и истражувачки. Натреварувачкот тим треба да биде составен од 1-2 наставника во улога на ментори на проектот и 3-7 ученици, учесници во проектот. Иновацискиот натпревар има за цел да креира истражувачки проекти од областа на природните и техничките науки.

Неда Икономова Гавриловска, од Фондот за иновации и технолошки развој на промотивната средба истакна дека процесот на истражување треба да се основа на научен метод, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда на хипотеза по пат на експеримент и набљудување. Таа го појасни и начинот на аплицирање, можностите и придобивките од учеството на училиштата во проектот.

Дел од присутните претставници на училиштата дадоа и свои предлози за подобрување и поуспешно реализирање на проектите.

Ова е втор повик до училиштата за аплицирање за млади истражувачи. Минатата година, три битолски училишта беа во наградените и добија средства за нивните проекти. ОУ „Стив Наумов“ доби 229.000 денари за проектот „Квалитетот на воздухот во мојата училница“, кој го работеа двајца ментори и десет ученици. СОТУ „Ѓорѓи Наумов“, со тројца ментори и тројца ученици, го работеа проектот „3Д технологиите, предизвик на денешницата и неопходност на иднината“ и за него добија 250.000 денари. Меѓу наградените беше и проектот на СОУ „Јосип Броз Тито“, под наслов „Присуство на тешки метали во почвата на потег Битола-РЕК Битола“. Него го изработија двајца ментори и шест ученици, со средства во висина од 287.500 денари.

GOLD
To Top