Новости

Битола инфо

ДИК во Битола остана без човек за работа

Во пресрет на изборите ДИК се соочува со недостиг на персонал. Во моментов поради пензионирање на двајца вработени, Подрачната единица на ДИК во Битола остана без човек за работа. Претседателот на ДИК Оливер Деркоски се надева дека овај проблем ќе се реши навреме, а доколку тоа не се случи тие како ДИК имаат право да ангажираат дополнителелен број на вработени.

-Минатата година се пензионираа двајцата вработени во подрачната единица на ДИК во Битола, сега ние како комисија покренуваме постапка за добивање на согласност за вработување на нови луѓе и се надевам дека ќе ја завршиме навреме, а доколку се случи да не ја завршиме ние како ДИК имаме право согласно изборниот законик да ангажираме дополнителен број на луѓе кои што ни се потребни за да се одработат изборите, така што нема некој посериозен проблем, меѓутоа добро би било да си обезбедиме нормални вработувања во Подрачното одделение во Битола, рече претседателот на ДИК Оливер Деркоски.

Недостигот со кадар не е само во Подрачната единица на ДИК во Битола, недостиг има и во други градови од државава.

-Добивме согласност од Министерството за финансии и се надевам дека ќе се реши проблемот. Изминатата година веројатно заради старосната граница на нашите вработени кои што претходно се преземани од Министерството за правда, пензионирање имаме во Крива Паланка, Делчево, Радовиш, Виница, така што полека полека ни се ретчи бројот на вработени во подрачните одделенија и се надевам дека ќе го решиме на задоволителен начин, додаде Деркоски.

Министерот за информатичко општество и администрација вели дека проблемот е од административен аспект и очекува истиот да биде решен.

-Годишниот план за вработување и рокот за поднесување на годишниот план за вработување неможе да биде пречка за ДИК или на пример за Државниот завод за ревизија каде што немаше кој да поднесе годишен план за вработување зошто немаше избрано раководство. Работиме на изнаоѓање на решение на проблемот, се работи на проблем од административен аспект кој што нормално ги фрустрира граѓаните и се надевам дека брзо деновиве ќе најдеме решение. Како и да е ДИК мора да ги има сите соодветни услови за да може да ги спроведе изборите, рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Ова се случува на помалку од еден месец пред распуштање на Собранието што треба да се случи на 11 февруари и распишување на предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 12 ти април.

Извор: Тв Тера

GOLD
To Top