Новости

Битола инфо

Донација од училишен инвентар за ОУ „Гоце Делчев“ од Битола во вредност од 7000 евра

Хуманитарната организација „Класје на добрината“ (Kalliri i Mirёsisё) од Скопје со финансиски средства од Меѓународната хуманитарна организација „Islamic Relief“ донираше училишен инвентар во ОУ „Гоце Делчев“ во Битола. Пет училници во ова училиште се опремени со 50 клупи, 100 столчиња, 12 столици за наставници, 5 катедри и 5 врати, а вкупната донација е во вредност од 7000 евра.

„Минатата година го посетивме училиштето за да утврдиме кои се потребите, а еве денеска сме тука со донацијата. Треба да се инвестира во идните генерации, се надеваме дека ова е првиот чекор кон понатамошната соработка“, истакна Муамер Шкриел од хуманитарната организација „Класје на добрината“ и координатор на проектот.

Идејата ја поттикна битолскиот муфтија, Амит Расими, кој воедно е и наставник по етика на религии во ОУ „Гоце Делчев“.

„Од 2010 предавам во ова училиште и секогаш ме загрижуваше ситуацијата, во какви услови учат нашите деца, во тешки услови иако имаат волја и сакаат да учат. Се потрудив да најдеме сите задничко решение да се средат условите во нашето училиште“, рече Расими и дополни дека се надева дека овој тренд на помош ќе продолжи за други интервенции во училиштето.

ОУ „Гоце Делчев“ во Битола е едно од најстарите училишта во Битола, изградено во 1847 година, истакна директорката на училиштето, Билјана Стојковска. Оваа донација е од големо значење за училиштето затоа што клупите и столчињата не беа сменети скоро 30 години.

„Ова училиште има 600 ученици, 93 наставници во 37 паралелки и е двојазично. Главна цел ни е подобрувањето на условите за работа во училиштето, а со тоа ги подобруваме и постигнувањата, на овој начин ќе постигнеме повисоки и трајни знаења, но и повисок квалитет во воспитно-образованиот процес во училиштето. Затоа многу ни значи оваа донација и им се заблагодарувам на хуманитарната организација „Класје на добрината““, рече Стојковска.

 

GOLD
To Top