Новости

Битола инфо

Еко-центарот треба да прерасне во база за собирање на податоци и предлози за поголема еколошка свест

Еко-центарот денес беше домаќин на активностите кои ги спроведува ЈП „Комуналец“, односно на претставувањето на проектот „Стимулирање на учеството на граѓаните во процесите на рециклирање преку имплементација на бенефит системите” кој се реализира во соработка помеѓу Универзитетот „Св.Климент Охридски“ Битола, Општина Битола и ЈП „Комуналец“ Битола, како и на проектот „Оперативен план за реализација на промотивни активности на Еко-центарот во образовните институции“. Градоначалничката Наташа Петровска истакна дека општината секогаш ќе биде партнер во спроведувањето на проектите кои носат напредок во еколошката свест, особено кај помладата популација.

„Идејата е, на денешната средба со директорите на градинките и училиштата од градот, да се дефинираат активностите кои што следуваат, затоа што во второто полугодие ќе имаме интегриран систем на активности во кои што ќе бидат вклучени учениците, со цел од најрана возраст да стекнат навики околу подигнувањето на еколошката свест и култура. Ова треба да биде додадена вредност во процесот на образованието во образовните институции“, рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Богоевски ги образложи проектите пред присутните, ставајќи акцент на текот на реализацијата и целта на нивното спроведување.

„Проектот „Стимулирање на учеството на граѓаните во процесите на рециклирање преку имплементација на бенефит системите” е во соработка на Општина Битола и ЈП „Комуналец“ со Техничко-технолошкиот факултет во Велес, кој што работи во рамките на УКЛО и е дел од проект за стимулирање на граѓаните во процесите на рециклирање, кој што пак е финансиран од програмата за меѓугранична соработка Интерег-Балканмед. Преку постапките за селекција на отпадот, сакаме да ја подигнеме свеста за рециклирање на истиот, со што ќе поставиме околу 70 канти со големина од 80 литри во градинките, 42 канти за селекција на отпадот во основните и средните училишта  од 120 литри, како и 29 контејнери со сина (за отпадна хартија) и жолта боја (за отпадна пластика). Во однос на вториот проект ќе разговараме со директорите за оперативниот план за промотивните активности на Еко-центарот во воспитно-образовните институции. До крајот на годинава ние ќе одржиме видео презентации во градинките и училиштата, а по сумирањето на предлозите од децата и нивните наставници во план е одржување на масовна трибина на која ќе биде презентирани резултатите. Наша идеја е да направиме организиран систем преку кој што сите заедно ќе можеме, координирано, да ја подигаме свеста кај намладата, но и малку повозрасната популација “, истакна Богоевски.

Богоевски посочи дека во скора иднина, кога регионот ќе добие депонија по современи стандарди, мора да се селектира и рециклира отпадот, како навика, која пред се треба да му заштеди средства на домаќинствата во Општина Битола.

GOLD
To Top