Новости

Битола инфо

„Жени“ – документарна претстава работена по текстови на жени болни од рак

На 27 август во Интимниот театар во Битола ќе се одржи премиера на документарната театарска претстава „Жени“, работена по текстови на жени болни од рак. Во претставата се користени и авторски текстови на Билјана Крајчевска, како и текстови од „Три сестри“, на А.П.Чехов. 

Од 2014та година, во Хотел Театар, Битола, функционира здружението за поддршка на жени болни од рак – ОДРАЗ, во чиишто рамки до денес учествувале над педесетина жени болни од рак, коишто ја преживеале болеста или сеуште се борат со неа. Состаноците на групата ги водат психијатар и др.на науки Гордана Ристевска Димитровска и психолог Билјана Атанасовска Видановиќ. Во 2017та година, во Интимен Театар, Битола, по идеја на режисерката Софија Ристевска Петрушева, започна иницијатива за создавање на театарска претстава, во којашто ќе учествуваат, ќе глумат, жени од групата, зборувајќи за болеста и за нивната битка со неа. Ова лето конечно се реализира конкретниот проект – театарска претстава, којашто се создаде по документарни текстови од самите жени.

Во претставата учествуваат НЕВЕНА СТЕРЈЕВСКА, КАТЕРИНА ПЕТРОВСКА и ТРЕНДАФИЛКА КИКЛЕВСКА кои ја споделуваат својата борба со ракот на дојка, и ракот на матка, како и ЗОРИЦА ЦИБАЛЕВСКА, којашто минатата година ја изгуби својата мајка ЛЕТКА АНДРЕЕВСКА, од рак на дојка. Летка беше една од првите членови во групата за поддршка, и беше голем поборник за создавање на уметност, како начин за борба против депресијата кај болните од рак. Наша основна цел е со овај проект да ја подигнеме свеста за редовни прегледи, што би довело до брзо дијагностицирање на ракот, со што би се намалила огромната бројка на заболени од рак, посебно во нашиот Пелагониски регион.

GOLD
To Top