Новости

Битола инфо

За младите девојки шлаканицата не е насилство – марш во Битола против насилство врз девојките

Младите девојки, адолесценти, не знаат да го препознаат насилството кое се јавува во една љубовна врска. За нив една обична шлаканица не е насилство, контролирање на мобилниот и фејсбук профилот не е насилство. Доколку дечкото во кафуле нарачува она што сака тој за двајцата, а неа не и дава избор, и тоа за нив не е насилство.

Ова се резултатите од  истражувањето кое на локално ниво го изработи Младинскиот совет Охрид заедно со АМОС од Битола и Фокус од Ресен во рамките на проектот „Љубовни рецепти“. Токму на тоа беше посветен и денешниот марш против насилство врз девојките по Широк Сокак.

Не сакајќи да работат општо на темата насилство, тие ја стеснаа на нешто за што ретко се зборува, а тоа е насилството врз младите девојки кои се во љубовна врска.

-Не сакавме да работиме на она што сме навикнати претежно да го слушаме и гледаме како насилство. Имајќи предвид  дека целна група ни се младите, се одлучивме да го истражиме насилството во врска на адолесценти,  љубовна врска помеѓу млади тинејџери. Целта ни е да ги охрабриме пред се девојките, да го препознаат насилството во врска, посебно на нивната возраст затоа што доколку тоа не го направат навреме тие стануваат потенцијални жртви на насилство во брак. Истражувањето покажа дека за жал не го препознаваат насилството како такво. Знаат за поимот насилство, но она што се знаци на насилство во една адолесцента врска, не го препознаваат. Сето тоа во суштина се вади на некоја љубов, вели раководителот на проектот Димче Каневче, Младински совет Охрид.

Целта им е едукативно да се настапат, но и да се спречат таквите појави кои за жал ги има.

-Покрај истражувањето организиравме камп кој беше само за девојки од Охрид, Ресен и Битола. Проектот го организираме во овие 3 града и можам да кажам  дека бевме непријатно изненадени, во ова време кога се достапни многу информации посебно на интернет и кога имаме се повеќе случаи на семејно насилство,  да не се препознаваат видовите насилство и она што за нив е нормално да се случува во една врска. Значи имавме случај каде што неколку од девојките кажуваа дека, додека се со партнерот на кафе, после откако ќе заминат се на телефон со него до дома, потоа се на фејсбук, и тоа е некоја комуникација нормална за нив, но никој не претпоставува дека на тој начин некој ги контролира. Посебно ако се земе предвид, од разговорите со оние кои биле во врска, станува збор за девојки кои имаат партнер кој е повозрасен од нив, а девојките беа од 1-3 година средно, а партнерите повозрасни, вели Каневче.

Меѓутоа на крајот од кампот мислењето почнало да се менува кај девојките и тоа го сметаат за успех. Истражувањето беше направено врз репрезентативен примерок од 1200 испитаници во општините Битола, Охрид и Ресен. Со истражувањето дознале и други факти кои се загрижувачки.

– Загрижува фактот што има случаи, иако мала бројка, што нивниот сексуален контакт го имале на 12 години, дека имаат партнери кои се на поголема  возраст и тоа за нив е нормално, постои и тоа како контрола од партнерите кај младите девојки, но тие за жал тоа не го сфаќаат така. Исто така, за жал, содржините кои ги бараат на интернет не се едукативни туку станува збор за страни каде најмалку има едукација, вели Каневче.

Продолжението кое го планираат од овој проект е комплетна работа на терен со младите девојки за да се освестат и да го препознаат насилството и да знаат како да реагираат против него.

GOLD
To Top