Новости

Битола инфо

Здравствениот дом во Битола денеска ќе се именува во „Д-р Хаим Абраванел“

Денеска и официјално на свечен начин, Здравствениот дом во Битола ќе се именува „Д-р Хаим Абраванел“, според познатиот еврејски лекар кој работел во Битола од 1946 до 1963 година. Одлуката за именување на Здравствениот дом Битола во „Д-р Хаим Абраванел“ ја донесе Владата на Република Македонија во месец март 2017 година.

Од денес пред ЈЗУ Здравствен Дом-Битола поставена е нова информативна табла, како и информативно пано со кус историјат за делото и дејноста на д-р Хаим Абраванел чиј живот згаснал во израелскиот град Бат Јам во 1984 година.

Кој бил Д-р Хаим Абраванел ?

Д-р Абраванел му бил личен доктор на познатиот балкански кинематографер, Милтон Манаки.

Овој скромен и благороден човек, повоените генерации битолчани го паметат како народен лекар, хуманист и врвен стручњак чиишто врати биле отворени за секој болен од Битола и пошироката битолска околија. Општата болница во Битола му ја додели на Др. Абраванел, долгогодишен шеф на Интерното одделение титулата примариус доктор во далечната 1959. Оваа титула значи признание од колективот за оние кои се докажани првенци во професијата и секојдневната работа.
Тој е всушност основоположникот на ова одделение уште од 1945 г. кога надлежните здравствени власти го упатија на работа од Скопје во Битола, бидејќи во градот немаше ниту еден интерниста. Затоа може да се каже дека тој е еден од малкуте пионери на битолското повоено здравство.
Во 1961 на прим. Др. Хаим Абраванел му беше доделено највисокото југословенско признание Медал заслуги за народ, како признание за неговата пожртвувана работа за унапредување на здравството.
Многу подоцнежни примариуси и првенци на битолското здравство со гордост истакнуваат дека биле негови ученици, или дека докторот Хаим бил нивен пример на кои се угледувале во практикувањето на најхуманата професија на светот. Помеѓу нив спаѓаше и мојот покоен свекор Др. Митко Дочовски, шеф на офталмологија, кој беше именуван како најмлад примариус доктор во нашиот медицински центар, неколку години пред неговата прерана смрт во 1972г.

 

GOLD
To Top