Новости

Битола инфо

Здружението „Искра“ ја промовираше заложбата за подобрување на состојбата на децата со дијабет 1

Уште едно здружение, кое покрај возрасните, ќе ги застапува барањата и потребите и на децата со дијабет 1, по повод Светскиот ден за борба против дијабетесот, одржа трибина во малата сала во Центарот за култура. Здружението на родители на деца со дијабет тип 1 „Искра“, како еден од нивните главни проблеми го посочи недостатокот на педијатар ендокринолог, со кого би имале постојан контакт.

-Во Битола нема педијатар ендокриниког, за секоја терапија треба да патуваат до скопската клиника, вели Марија Кожинковска, претседател на Здружението за деца со дијабет 1 Битола.

Бараат и што побрзо да се обезбедат сензорите за мерење на шеќерот во крвта со што ќе им се олесни животот на нивните деца.

-Тие се доста потребни особено за деца кои се мали, каде што нема континуирана исхрана, доаѓа до боцкање до 10 пати, само за мерење на шеќерот, со нив ќе се намали стресот кај децата, боцкањето, повеќе слобода и функционирање како кај секое дете. Нивната цена е релативно висока, тие се околу 120 евра месечно, не е за потценување, го набавуваме од другите држави, во Македонија нема достава за жал, вели Марија Кожинковска, претседател на Здружението за деца со дијабет 1 Битола.

Иницијативата за формирање на ова здружение е поддржана и од Општина Битола.

„Состојбата во која се наоѓаат овие деца бара поголема дисциплина, која за средината е малку поинаква. Средината треба да ја прифати дисциплината и таа да биде нешто нормално. Секоја локална самоуправа, не само оваа треба да ја третира оваа состојба. Имаме категорија граѓани кои имаа проблем, категорија која знае да им помогне и категорија која троши народни пари, којантреба да го насочува во функција на задоволување на потребите. Токму затоа кога членовите на ова здруженија дојдоа да ги претстават своите намери бев фанцинирана и немав дилема дека треба да бидат поддржани, не само сега туку и ќе продолжи во континуитет“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

На трибината се обратија претседателката на здружението Марија Кожинковска, Наташа Деспотовска-Димитриевск, претседател на асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“, ендокринологот д-р Олга Лозановска и Ели Секуловска, која со години се справува со оваа состојба. На најмалиот член на ова здружение му беше доделено апаратче, со кое ќе му биде олеснет начинот на примање терапија.

GOLD
To Top