Новости

Битола инфо

„Интеграција на мобилноста и безбедноста“ е единствено правилно решение за решавањето на сообраќајните проблеми

Според последниот Извештај на Европскиот Совет за безбедност на сообраќајот, годишно на градските улици животот го губат 9500 лица од кои 39% се пешаци. Тоа е аларм и тоа е показател дека одлуката на овој состав на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот за „интеграција на мобилноста и безбедноста“ е единствено правилно решение за еден позитивен исчекор во начинот на пристап кон решавањето на сообраќајните проблеми, потенцира проф.д-р Јасмина Буневска Талевска, претседател на Општинскиот Совет за безбедноста на сообраќајот на патиштата Битола.

Таа исто така објаснува:

„Имено, соработката со граѓанските асоцијации како Геосфера, Битола на точак, Здружението на моторциклисти Ѓорги Стефановски и пред краток период Заедно Македонија и други, ја започнавме со поднесување до Советот на општина Битола (чие советодавно тело сме) – 100 Препораки за брзо надминување на лошата сообраќајна слика во градот – донесени како заклучоци од тркалезна маса на која дискутираа и своите идеи и предлози ги дадоа професионалци од градот и гости – експерти од земјата.

Уште во тој прв документ на Општинскиот Совет за безбедност од Битола во 2018-та година, смирувањето на сообраќајот – посебно во зоните на училиштата беше прв приоритет, а потребата од изработка на акционен план поставена како прва точка!.  Иако првиот документ не наиде на прием кај Советниците, продолживме уште помотивирани! Ги сублимиравме претходните 100  во 10 клучни препораки и како Општински совет за безбедност на сообраќајот започнавме засилена соработка со Одделението за урбанизам и животна средина при општината и со СВР Битола, со иницијатива од која произлегоа неколку предлози:

– Предлог за смирување на сообраќајот во зоните на сите основни и средни училишни центри во градот (беа дадени јасни препораки за започнување со изработка на 18 проекти за смирување на сообраќајот и сметам дека изработката на проектите е во тек ?!;

– Предлог за времена функционална прекатегоризација на уличната мржа; и Предлог за изработка на Основен сообраќаен проект за проектирање на физички мерки за смирување на сообраќајот во зони на училишта.

Имено, на овие предлози претходеше анализа, дискусии, имаше и воздржани страни, но, како Општински совет за безбедност на сообраќајот сме должни да укажеме дека до најголемиот дел од училишните центри во градот, учениците стигнуваат движејќи се по улици категоризирани како магистрални, на кои возилата управуваат со високи брзини, а учениците се некогаш приморани да преминуваат и по неколку сообраќајни ленти, поради што, сметаме дека нашите ученици минуваат небезбедни рути до училиштата, и за нас проектантите таа категоризација претставува ограничување при изборот на мерки за ефикасно смирување на сообраќајот во зоната од интерес.

Конечно, како Совет за безбедност мораме да реагираме затоа што сообраќајната инфраструктура е фактор за безбеден сообраќај, мобилни граѓани и чиста околина – мото под кое и го инициравме започнувањето на проектот ПОУМ за Битола!.

Во рамките на проектот за Планирање на активности за одржлива урбана мобилност изработивме АКЦИОНЕН ПЛАН 2019 – 2021 кој советниците недвосмислено го прифатија и кој треба да претставува една голема платформа според која Советот на општина Битола ќе почне итно да делува.

Затоа, ЈАВНО ГИ ПОВИКУВАМ сите Советници на Советот на град Битола, да ги постават безбедноста на граѓаните а посебно безбедноста на децата и учениците на врвот на својата агенда, и веднаш да се обидат да донесат одлука за времена прекатегоризација на уличната мрежа и тоа не „АД-ХОК“ намалување на една класа, туку согласно анализата да препорачаат намалување и на повеќе функционални класи. Потоа, да изготват програма со приоритети и буџет и конечно да покажат дека се политичари со поглед кон иднината, со визија, политичари на кои гласот на граѓаните и нивните предлози им се на прво место.

❤ Ние не’ предлагаме ЗОНА 30 затоа што тоа така ние сакаме, туку, ПРЕДЛАГАМЕ „ЗОНА 30“ ЗА ДА СЕ ПОДОБРИ БЕЗБЕДНОСТА И МОБИЛНОСТА НА НАШИТЕ ГРАЃАНИ И ДЕЦА !

❤ Ние не’ предлагаме подобрување на пешачката и вело инфраструктура затоа што тоа така ние сакаме, туку, ПРЕДЛАГАМЕ „ПОДОБРУВАЊЕ НА ПЕШАЧКАТА И ВЕЛО ИНФРАСТРУКТУРА“ ЗА ДА СЕ ПОДОБРИ МОБИЛНОСТА НА НАШИТЕ ГРАЃАНИ И ДЕЦА, СВЕСНОСТА ЗА ЗНАЧЕЊЕТО НА ОВОЈ ИЗБОР ЗА НИВНОТО ЗДРАВЈЕ И ЗА ПОЧИСТА ОКОЛИНА !

❤ Ние не’ предлагаме подобрување на Јавниот превоз затоа што тоа така ние сакаме, туку, ПРЕДЛАГАМЕ „ПОДОБРУВАЊЕ НА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ“ ЗА ДА СЕ НАМАЛИ СООБРАЌАЈНИОТ МЕТЕЖ И ВЛИЈАНИЕТО НА АВТОЦЕНТРИЧНОСТА НА ГРАДОТ ВРЗ ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ !

❤ Ние не’ предлагаме подобрување на условите за паркирање затоа што тоа така ние сакаме, туку, ПРЕДЛАГАМЕ „ПОДОБРУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ЗА ПАРКИРАЊЕ“ ЗА ДА ГИ ОСЛОБОДИМЕ ТРОТОАРИТЕ И УЛИЦИТЕ ОД НЕПРОПИСНО ПАРКИРАНИТЕ ВОЗИЛА !

❤ Ние не’ предлагаме ВИДЕО НАДЗОР, затоа што тоа така ние сакаме, туку, ПРЕДЛАГАМЕ ВИДЕО НАДЗОР ЗА ДА СЕ ПОДОБРАТ, БЕЗБЕДНОСТА И СИГУРНОСТА НА НАШИТЕ ГРАЃАНИ И ДЕЦА и да се влијае на СВЕСНОСТА И СОВЕСНОСТА НА УЧЕСНИЦИТЕ ВО СООБРАЌАЈОТ !“, потенцира Буневска Талевска.

GOLD
To Top