Новости

Битола инфо

Исчистени депонии во битолско

По повод Светскиот ден на чистењето, ЈП „Комуналец“ Битола  организираше акција за чистење на две поголеми диви депонии, лоцирани во населбата Баир и во селото Брусник. Акцијата се спроведуваше со поддршка на Општина Битола и ЈП „Водовод“, КЈП „Нискоградба“ и ЈП „Стрежево“.

„Се наоѓаме пред слика, која за жал е лоша за нас генерално како општество и како граѓани. ЈП „Комуналец“ си ги изведува редовно своите работни активности околу одржувањето на чистотата, но денес, Светскиот ден на чистењето сакаме да го одбележиме со една помасовна акција, во која што активно учество зеде и месното население од овој дел, советниците во Советот на Општина Битола и јавните претпријатија. Овие слики ни покажуваат дека во иднина мора да направиме многу повеќе за подигнување на јавната свест и воопшто како граѓани многу повеќе сите заедно да сочуваме се што не опкружува и што е животна средина, затоа што ќе повторам нешто што сум го рекла во многу наврати, никогаш не може некој да исчисти, ако останатите валкаат“, рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Јавните претпријатија заеднички се вклучија во работата на терен со багери, камиони, трактори, а локалното население и советниците како работна рака, која е неопходна алка во подигнувањето на јавната свест за почиста животна средина.

„Навистина, во прашање е совесното, односно несовесното постапување на граѓаните кои што и тоа како, придонесуваат за лошата слика на градот. Ние како јавно претпријатие, со поддршка и на останатите јавни претпријатија се обидуваме со нивните механизации и со нашите луѓе што е можно повеќе да исчистиме од она што граѓаните го направиле. Денес, покрај нашата раедовна активност на чистење на депонии и делови од градот, на овој Светски ден на чистењето се одлучивме да исчистиме две локации. Едната голема депонија е во населбата Баир, а другата локација се две депонии во селото Брусник. Во оваа акција, по нашиот повик, морам да потенцирам дека дел од граѓаните покажуваат високо ниво на совесност со тоа што ни се приклучуваат на нашите вакви акции, а на почетокот од Брусник работат членовите на Ротаракт клубот кои самоиницијативно се приклучија на акцијата“, истакна директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.

Локалното население исто така зеде масовно учество во акцијата. Со самото вклучување, тие покажаа дека мора да се работи на подигнувањето на јавната свест и дека секој граѓанин е одговорен за она што го остава зад себе.

„Упатувам благодарност до месното население во населбата Баир кое се вклучи во акцијата. Мислам дека ова е една од најголемите диви депонии кај нас и ќе упатам апел до сите жители на Битола да не фрлаат смет во населбата Баир, затоа што имаме граѓани од други делови на градот кои што доаѓаат тука, во оваа населба и го фрлаат ѓубрето. Но, упатувам и апел до жителите на населбата Баир да не ја загадуваат животната средина и воздухот, затоа што ние тука живееме, нашите деца секој ден одат од овде на училиште и ние едноставно, овде сме секојдевно“, апелираше Самедин Канановски од Здружението на Ромите „Неводром“ Битола.

„Нашето село е во непосредна близина на градот и ја има една од најубавите глетки, особено од манастирот Св. Димитрија. Често ни доаѓаат посетители од надвор, но и од локалното население. Ни се случува, пред да дојдат во манастир, едноставно да го расфрлаат ѓубрето наоколу, а потоа да дојдат и да се молат во манастирот. Тоа не е човечност. Затоа, побаравме помош од ЈП „Комуналец“, ни излегоа во пресрет на нашето барање и денес се исчисти една од најголемите депонии во нашето село“, велат жителите на селото Брусник.

Акцијата на двете локации се одвиваше до попладневните часови, а сите учесници во акцијата, заедно со локалното население, се надеваат дека сегашните исчистени локации ќе останат без ѓубре што подолго, по можност повторно да не бидат претворени во депонии.

GOLD
To Top