Новости

Битола инфо

МЕПСО додели стипендии на две студентки на Технички факултет Битола

МЕПСО додели стипендии на две студентки во втора година на насоката за електроенергетски системи на Техничкиот факултет (ТФБ) при универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола. Со овој чин се возобнови соработката меѓу МЕПСО и битолскиот Технички факултет што беше започната во 2016 година. Стипендисти на МЕПСО се студентките Билјана Велјановскa и Александра Киревска , кои ги исполнија пропишаните услови на огласот. Студентките ќе добиваат стипендија од 6.000 денари месечно во тек на академската година.

Договорите за стипендирање на студентите во име на МЕПСО, денеска на ТФБ ги врачи Сашо Василевски, генерален директор на МЕПСО кој во своето обраќање ги охрабри студентите и потенцираше:

-Продолжете со истиот ангажман и посветеност во студирањето. Вашата работа ние ја гледаме и ја вреднуваме и ќе ве поддржуваме затоа што вие, студентите сте иднината и вие ќе обезбедите економски раст и просперитет на нашата земја. Убеден сум дека оваа позитивна практика ќе охрабри и мотивира и други студенти и дека вгодина и во годините што ќе следат редовно ќе доделуваме и повеќе стипендии овде во Битола, истакна Василевски. На студентите им се обрати и деканот на Битолскиот технички факултет д-р Стојан Нусев, кој се заблагодари за соработката и истакна:

-Се надевам дека соработката со МЕПСО во иднина ќе продолжи не само во оваа насока, тука и ќе се продлабочи преку поддршка на научно истражувачката работа и апликативната дејност која веќе неколку децении се негува на Техничкиот факултет во Битола, рече Нусев. Студентката Велјановска заблагодарувајќи се на МЕПСО и на ТФБ истакна дека ова ќе биде мотив плус за збогатување на знаењата и за подобар успех во студирањето.

-Сакам да се обратам и до сегашните средношколци, а идни студенти дека инженерството а посебно електро инженерството е добар избор за идна професија посебно на ТФБ, рече Велјановска. МЕПСО и Техничкиот факултет Битола пред неколку месеци склучија Меморандум со кој ја продлабочуваат соработката на повеќе полиња. Со овој документ се создаде основа за долгорочна соработка во повеќе области од ко една е и процесот на стипендирање на студенти на Електротехнички отсек на Техничкиот факултет при универзитот „Свети Климент Охридски“ во Битола. МЕПСО во рамки на својата платформа за општествена одговорност и досега во рамки на можностите стипендира студенти на Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Таму стипендии доделува од 2012 година. МЕПСО има вкупно 17 стипендисти на факултетите за електротехника во Скопје и во Битола.

GOLD
GoldSlot
To Top