Новости

Битола инфо

Меморандум за соработка помеѓу општина Битола и Технички факултет Битола

Со цел да се воспостави взаемен интерес за остварување на долгорочна научна, техничка, образовна и апликативна соработка,  во Општина Битола беше потпишан Меморандум за соработка со Техничкиот факултет Битола.

Во фокусот на овој Меморандум е и зголемената соработка во проектот: „Изработка на проект за дистрибутивна гасоводна мрежа, во корелација со топлификацијата на Општина Битола“.

„Денес потпишавме Меморандум за соработка со Техничкиот факултет од Битола, кој е во рамките на УКЛО. Меморандумот е значаен за нас затоа што Општина Битола се наоѓа во фаза на изготвување на идеен проект, проект за инфраструктура и основен проект за гасификација. Оттука, за нас е многу значајно мислењето на академската фела, односно професорите од Машинскиот факултет, така што нивните сугестии нас ни значат и ќе имаат една додадена вредност за добивање на квалитетно решение во овој значаен проект за Општина Битола“, рече градоначалникот на Општина Битола м-р Наташа Петровска.

„За Техничкиот факултет ова е значаен момент бидејќи наши професори и студенти ќе бидат вклучени во изработката и реализацијата на проектите кои што се планираат во Општина Битола. Покрај проектот гасификација, кој важи за еден од поголемите во општината, нашите професори и студенти ќе бидат вклучени и во проектот топлификација, во проекти од областа на екологијата и животната средина“, истакна деканот на Техничкиот факултет, Стојанче Нусев.

Во текот на месец април заврши тендерската постапка за избор на проектант во проектот гасификација на Битола.

„Проектант е „Простор“ од Куманово, но паралелно се одвиваат уште два значајни проекти за општината, тоа е проектот топлификација и и изработка на колекторскиот систем. Сега следува фаза на усогласување на трите проекти. Според динамиката на планот, градежната дозвола за проектот гасификација треба да биде издадена до месец јуни следната година, а според динамиката на МЕР, магистралниот гасовод би требало да биде во Битола во втората половина на 2020 година“, Посочи Владимир Костурски, заменик раководител на сектор во Општина Битола.

Договорот за проектирање опфаќа 25000 метри идеен и 10000 метри основен проект за дистрибутивна гасификациона мрежа и телекомуникациски коридор.

GOLD
To Top