Новости

Битола инфо

Најпознатите говорни изрази во Битола

-Му летна чавката! – Море, му летна и то сосе сиџим! Ојде по петело! Ој сликај се кај Манаки! Ќе дојди со на Паца бродо! Ми ја напрајвте куќата корзо!

Ова се само дел од говорните изрази кои се дел од секојдневието на битолчани. Ќе ви откриеме од каде доаѓаат и приказните кои се поврзани со нив. Сето тоа е опишано во книгата на Александар Стерјовски, „Калеидоскоп“. Тој пишува: „Имаат и жива локална боја, локален јазик и амбиент, а бидејќи нудат и општоважечки пораки, живеат долго.“

Ај, ој да се сликаш кај Манаки!

Се употребува во прилики кога некој станува здодевен и беспричински го троши времето на другиот или кога двајца само што не дошле до погрува расправија. Близок на овој израз е и „Оди да се сликаш“, кој, исто така е доста експлоатиран во Битола. Особено бил фрекфентен кога Милтон Манаки бил жив и фотографски активен.

Ицо и Ката

Ицо и Ката се историски личности. Познати станале како неразделен брачен двоец. Остана непознато дали се работело за преголема љубов, сомнеж за изневера или имало и друга причина да влезат во изразов. Можеле исклучивод а се сретнат како пар, и на пазар, и на Корзо, и во посета кај пријатели, па претстава како индивидуа на еден од нив скоро и не била забележана. Благодарејќи на нив, кога некој друг битолски пар присвоел дел од нивната блискост, коментарот е – „Ете ги Ицо и Ката“.

Ми ја напрајвте куќата корзо!

Односно, и децата и останатите во семејството, направиле од домот врвулица, корзо, без ред ко сакал влегува, кој сакал излегува, не почитувајќи забрани или одобренија. Изразов има и блага критика, употребувана од онаа која вложува труд околу домаќинството, од домаќинката.

-Му летна чавката! – Море, му летна и то сосе сиџим!

Во овој битолски говорен израз, за трето лице, доверливо се открива дека има знаци на деменција. Првиот полугласно го најавува тоа, вториот го потврдува, експлоатирајќи ја чавката.

На младите битолчани омилена игра во минатото им била со чавките. Лесно било да се уловат, зашто градот вриел од нив, станале дури и проблем. За ликвидација било ангажирано и Ловечкото здружение и затоа се трошеле општински средства. Играта се состоела во врзување на чавката за конец („сиџим“) за едната нога и одвреме-навреме, нејзино ослободување да полета. Се случувало чавката некогаш и да се откачи и да полета, повлекувајќи го со себе конецот. Токму таму се сконцентрирал говорниот израз.

Не си на Данабаш ќерка, та се контиш!

Семејството Данабаши или Данабаш, кое во поново време се состоело од двајца браќа, Јанко и Петар, меѓу двете светски војни било едно од најбогатите во Битола. Јанко оформил семејство, Петар останал неженет. Имале трговска фирма, недвижен имот, шуми, земјиште од повеќе хектари во Пелагонија што станало мамка за грабежи. Еден таков, кобен, се случил во 1927 година кога Петар бил убиен при грабежот. Убиецот подоцна е пронајден и уапсен, а гробот на Петро се уште се препознава на Буковските гробишта со неговото торзо со написот „мучки убиен“.

Трите ќерки на Јанко се носеле мошне елегантно и богато, дури станале и синоним за убаво дотерани моми. Така настанал и изразот, се уште фрекфентен во Битола.

Ојде по петело!

Овој омилен израз и денес е омилен во Битола, особено кога се сака да се каже дека работата отишла во неврат.

За неговото настанување има мала сторија. Се тврди дека некој селанец од полето дошол на пазар во Битола да продава кокошки и еден петел. Само што ги продал кокошките, истурил порој каков што не се паметел во Битола. Селанецот се засолнил додека не претера невремето, а бидејќи бил од подалечно село, побрзал да го продаде и петелот пошто-затоа и да замине да не го стемни по патот. Се изнашол Евреин, кој бил и малку ќефлеисан, кој го купил за поевтини пари.

Евреинов, кој врвел покрај Драгорот и малку полабаво го држел, во еден момент му се откратил и летнал во реката. Евреинот по него. Абре-дебре, а да го фати, а петелот бега, а отстрана го силат сеирџии. Во тоа време од озгора, како што знаел Драгорот честод а прави, се втурнала маса вода и ги завлекла и Евреинот и петелот.

Оттогаш за некого, кога ќе појдел во неврат, се вели „Ојде по петело.“

Ќе дојди со на Паца бродо!

И Паца била една од лесно ментално заостанатите девојки од градот меѓу двете светски војни. Живеела во долниот дел на денешната ул.„Ѓуро Ѓаковиќ“. Беше си вообразила дека од некого е сакана, дека таа врска ќе доведе и до брак. Во меѓувреме тој заминал на печалба во САД, па, ете прилика за битолчани да ја проверуваат за нејзините контакти со него и за неговото враќање. Кога ќе паднело прашање за „колетите“ одговарала дека идат, но ги грабаат во поштата, а за доаѓањето дека наскоро ќе пристигне. Знаејќи ја вистината, битолчани додале дека „Ќе дојди со на Паца бродо!“, односно никогаш. Изразов се употребува и денес во ситуации кога се сака да се каже дека нештата нема да се случат како што се најавува.

Извадок од книгата „Калеидоскоп“ на Александар Стерјовски

 

 

Evrotip
Евротип
To Top