Новости

Битола инфо

На свечена церемонија преименуван Здравствениот дом во Битола во „Д-р Хаим Абраванел“

Денеска на свечена церемонија беше откриено името на Здравствениот дом во Битола кој од денеска ќе го носи името на познатиот еврејски интернист кој работел во Битола, д-р Хаим Абраванел. Именувањето на Здравствениот дом го имануваа претставниците на оваа установа, Министерството за здравство, Општина Битола, Амбасадата на Израел во Македонија. На свеченоста присуствуваше и внуката на д-р Абраванел.

-Тука се чувствувам како дома, а македонскиот јазик ми е како мајчин. Многу сум возбудена на оваа церемонија каде се именуваше Здравствениот дом по дедо ми, кој беше тука шеф од 1946 до 1963 година. Јас растев тука, тука ми беше домот и тука се чувствувам дома. Дедо ми би бил многу горд за ова што се случува сега, изјави Рахел Шели Леви Друмер, внука на д-р Хаим Абраванел.

Владината одлука за именување на Здравствениот дом е потврда за досегашната и најава за идна меѓувладина и посебно соработка во сферата на здравството истакна заменик министерот за здравство, Гоце Чакаровски.

– Соработката меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Израел продолжува. Се надевам дека ќе ги користиме искуствата на колегите од Израел и дека директно ќе придонесат за развојот на здравството во нашата држава и градот Битола, бидејќи битолчани тесно се поврзани со израелската држава, посочи Чакаровски.

Израелскиот амбасадор Ориан смета дека тоа покажува дека народот тука се грижи за заедничкото минато.

– За нас именувањето на здравствениот дом во Битола со името на д-р Хаим Абраванел е посебно важно, бидејќи можеме во иднина и заеднички да реализираме многу проекти. Се обидуваме да поврземе повеќе работи и затоа денес во Битола доведовме претставници на две компании од Израел. Едната се занимава со соларна енергија, а другата од сферата на земјоделството. Во Битола имаме повеќе интересни проекти, а денешниот го реализираме во соработка со Министерството за здравство, истакна амбасадорот Оријан.

-Чест ми е што толку гости се дојдени на овој свечен чин, посебно значење за нас, но и за здравствениот систем. Оваа година за нас е јубилејна бидејќи во 1948 година започна изградбата на овој Здравствен дом, на местото каде што некогаш било еврејското маало, изјави д-р Веска Спирковска, в.д. директор на Здравствен дом „Д-р Хаим Абраванел“.

Во своето обраќање пред присутните, градоначалничката на Општина Битола истакна дека настанот е можност да искажеме благодарност некому кој што се вложил во нашиот град.

-Денешниот настан е потврда на космополитизмот на нашиот град, но и потврда дека денешните генерации го сочувале чувството за почит и за градење вистински вредности кои со државата Израел ќе се продлабочуваат, нагласи Петровска.

Внуката на д-р Абраванел потенцираше дека според еврејскиот календар точно на денешен ден пред 75 години во Битола беше извршена депортацијата на Евреите од овој град и прочита молитва.

GOLD
To Top