Новости

Битола инфо

На 1 ноември ќе започне акцијата за пошумување „Да засадиме иднина“

Во организација на Ротари Клубот Битола Широк Сокак, наредниот месец ќе започне акцијата „Да засадиме иднина“ со која ќе се пошумуваат локации во околината на Битола кои често последните години биле погодени од пожари. На акцијата стручна поддршка ќе им бидат вработените од ЈП Национални шуми, а ќе се засадат повеќе од 100.000 садници во обид да се обноват белите дробови на градот Битола. Целта на оваа акција е Битола да се направи подобро место за живеење.

-Во однос за шумскиот фонд, знаеме дека е потребен за огревно дрво, но во изминатите 10 години, имаше пожари кои буквално го десеткуваа овој капацитет. Ќе имаме професионална поддршка, сите оние кои ќе дојдат да засадуваат дрва ќе имаат можност најпрво да бидат обучени, се со цел дрвцата кои ќе бидат засадени успешноста да биде со висок коефициент, рече Миле Спировски, претседател на Ротари клуб Широк Сокак Битола.

Акцијата е планирана да започне од 1 и да трае до 15 ноември, но зависи од временските услови. Доколку акцијата биде одложена, граѓаните навремено ќе бидат информирани.

-Имаме одреден влажен бран на крајот на месецот и се надеваме дека ќе успееме да го запазиме рокот, и да имаме успешна акција. Акцијата е 15 дена и се надевам секој ќе најде барем два часа да ни се придружи, вели Спировски
Од Национални шуми ги обезбедија садниците, а какви ќе бидат зависи од подрачјето кое ќе се пошумува.
-Имаме тип на садници во конкретната површина, ќе се пошумува со повеќе типови садници, целта ни е да засадиме мешовити шуми кои понатаму ќе бидат поотпорни на можноста од опожарување, изјави Маре Басова од ЈП Национални шуми.

Оттаму објаснуваат што значат дрвјата за воздухот.

-Само еден факт потврдува кој е најдобриот прочистувач на воздухот животната средина – тоа е дрвото. Ако се знае фактот дека едно дрво годишно произведува околу 145 килограми кислород што е доволно за двајца возрасни луѓе, покажува колкава е моќта на дрвото и природата. Заради ова треба да настојуваме да се зголемува бројот на пошумени зелени површини, како што е случајот со Битола каде неколку пати имаше катастрофални пожари, сега се обидуваме да го вратиме зелениот појас кој е во блиската околина на Битола и на РЕК, што е значајно за загадувањето, изјави Басова.

Пошумувањето ќе биде кај Ротино. Организаторите информираат дека ќе има организиран превоз за сите граѓани. За напролет пак најавуваат уште една акција за пошумување на друга локација.

GOLD
To Top