Новости

Битола инфо

Одбележување на Патронатот на УКЛО

Во пресрет на празникот 8 Декември, Патрониот ден на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, одржани се неколку пригодни настани.

Во Ректоратот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски и претседателот на Стопанската комора на Македонија, г-дин Бранко Азески потпишаа Меморандум за соработка. Чинот се одржа во присуство на комплетното раководство на УКЛО и значајни претставници од бизнис заедницата од Пелагонскиот регион. Пригодата беше повод УКЛО да ја искаже подготвеноста за соработка со Комората за зголемување на квалитетот на работната сила, вработеноста и учество во економскиот развој.

Во рамки на чествувањето, во соработка со Амбасадата на Република Словачка, во присуство на Н.Е. г-дин Хенрик Маркуш, Амбасадор на Република Словачка, отворена е изложбата „По трагите на Св. Кирил и Методиј“ од авторот Павол Демеш. За 33-те експонати се осврна приредувачот на поставката, г-дин Стојан Лекоски кој истакна дека изложените кадри се своевидна фотографска биографија на Солунските браќа, заштитниците на Европа. Воедно, во чест на Патронот на УКЛО, откриен е подарокот скулптура реплика на св. Климент од Охрид – дар од семејството на скулпторот и академик Томе Серафимовски.

По повод пригодата, ректорот проф. д-р Сашо Коруновски имаше обраќање во кое се осврна на бројните дела на нашиот патрон, а посебно на неговата исклучителна учителско-просветителска мисија со којашто тој ги задолжи бројните сегашни, но и идни генерации. На одбележувањето, музичка програма изведоа ученици од Државното средно музичко училиште од Битола.

По повод Патронот на УКЛО, пред споменикот на св. Климент, во дворот на Ректоратот положени беа букети цвеќе.

GOLD
To Top