Новости

Битола инфо

Петровска: Со парите што општината ги исплати за наследените долгови, можеше да се изгради еден затворен базен

Непосредно пред стартот на новата школска година, градоначалничката на Битола Наташа Петровска денеска на прес конференција зборуваше за нивната финансиска состојба, односно за чекорите кои ги презеле како општина за одблокирање на нивните сметки.

„По долгогодишна голгота на блокираните училишта во Општина Битола, сакам да Ве информирам за огромниот успех кој како општина го постигнавме токму пред почетокот на новата учебна година.
Не така одамна, на 31.12.2017 година, основните училишта имаа долгови од околу 180 милиони денари, средните имаа долгови од над 85 милиони денари или вкупно, училиштата должеа повеќе од 4,3 милиони евра.
Тоа значеше секојдневно соочување со можност за исклучена струја, проблеми со набавка на нафта за греење за децата, што се основни потреби, а за останатите редовни потреби на секое училиште и да не зборувам. Проблем кој го немаше ниту една општина во државата.
Денес, по само една година и 9 месеци, долгот на училиштата е значително намален и тоа во основните за повеќе од 105 милиони денари или речиси 60% од долгот, а во средните долгот се намалил за речиси 56 милиони денари или над 65 %.Со други зборови во овој период се исплатени повеќе од 2,6 милиони евра.
Од 8-те основни и двете средни училишта кои беа блокирани, остана само едно блокирано основно училиште, кое наскоро ќе биде растеретено. Со парите, што општината ги исплати за наследените долгови, можеше да се изгради еден затворен базен, или да се набават 10 еколошки автобуси.
Дополнително, општината не само што за година и 9 месеци отплатуваше нечии наталожени долгови, туку во истиот период вложуваше инфраструктурно во образовните објекти, кои беа оставени на немилост, во катастрофална состојба, со руинирани училници, неупотребливи тоалети и што уште не.
Општината, минатата и оваа година,вложи повеќе од 2,2 милиони денари за подобра инфраструктура во училиштата, а во тек е јавна набавка за санација на објекти во висина од 3,4 милиони денари.
Во неколку наврати досега сум кажала, но повторно ќе потенцирам, за мене и за општината, образованието останува да биде приоритет број еден. Тоа е нашиот столб, нашиот влог во генерациите што сме ги создале, во нашите деца. Тоа е влог во нашата иднина“, рече градоначалничката м-р Наташа Петровска, на прес конференцијата одржана во Општина Битола.

GOLD
To Top