Новости

Битола инфо

Подобри закони за поубави градови – иницијатива за намалување на широчината на коловозните ленти

Дали некогаш сте се запрашале зошто во градот се проектираат улици чија широчина на ленти е наменета за движење на возила со брзина од 90 km/h кога максимално дозволена брзина во населено место е 50 km/h?

Дали некогаш сте се запрашале зошто во вашата зграда задолжително треба да има паркинг места за автомобили, ама не е задолжително да има паркинг места за велосипеди?

Сигурно сте се запрашале и зошто билбордите, канделабрите, кантите за отпадоци, столпчињата и други видови на урбана опрема, не се поставени на начин на кој нема да го отежнуваат движењето на пешаците и велосипедистите.

Вакви прашања, години наназад, упатуваат од БитолаНаТочак до институциите. Одговорите се дека такви се законите, такви се правилниците или пак дека не е регулирано во истите.

Градската инцијатива БитолаНаТочак утре, 26.04.2018 го слави слави својот четврт роденден, а по тој повод следува интересна и богата критична МАСА која го носи мотото “ПОДОБРИ ЗАКОНИ ЗА ПОУБАВИ ГРАДОВИ”. Оваа порака, која ќе ја пренесат и иницијативите од Скопје, Штип, Прилеп и Гостивар е резултат на заедничката соработка на тим од правници од овие градови кои презедоа низа активности поврзани со подготвување и поднесување на официјални барања за промена на закони и подзаконски акти со кои сметаат дека значително ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе се подобри квалитетот на живот во градовите.

„Првиот чекор е промена на делови од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Поднесовме предлог со кој ја исклучуваме можноста во населено место да се проектираат улици за движење со големи брзини, односно да се намали широчината на коловозните ленти со што ќе остане повеќе простор за пешачење, возење точак, зеленило и други содржини.

Исто така, поднесени се и предлози за воведување велосипедски улици како посебна категорија и за поставување вело паркинг на секој новоизграден објект, а во иднина ќе следуваат и други.

Овие предлози не само што ќе значат големи заштеди во изградбата на сообраќајна инфраструктура туку ќе придонесат и за поголема безбедност и попријатен изглед на градовите. Дополнително, индиректно ќе придонесуваат за заштеди во други области, како на пример здравството”, – изјавуваат од овие градски иницијативи.

Настанот започнува во четврток во 18:00ч од Аурум каде присутните ќе бидат послужени со смути, по што ќе се извози лесна рута низ град, а ќе се заврши во кафулето Аеро каде присутните ќе бидат освежени со ладен чај и торта, а за пријатната атмосфера ќе се погрижат Contrudj / Zoki Conga, Dadoni Trumpet & Dj Mikar.

Студирајте на БАС
To Top