Новости

Битола инфо

Поставен камен-темелник на затворениот базен во Битола

Со инвестиција од 43 милиони денари, како резултат на успешната соработка помеѓу локалната и централната власт, во Битола започна изградбата на затворениот пливачки базен. Денес, во присуство на голем број спортисти и спортски работници беше поставен камен-темелникот, а изградбата се очекува да биде завршена за помалку од 18 месеци.

„После донесената одлука на Влада, за финансиска поддршка за отворање на базени и после поддршката на Агенцијата за млади и спорт, особено се радувам што Битола се најде на мапата на овие активности. Како што кажавме, така и постапивме. После целокупната динамика на стигнување до склучување на договор, денес се воведува во работа изведувачот и никогаш досега Битола, не била во ваква ситуација, да не зборуваме со ЌЕ за отворање и правење на базени, туку да зборуваме за нешто што Е РЕАЛНОСТ и што значи директна работа на терен. Особено ме радува што тоа се наоѓа во ова училиште „Даме Груев“, каде што имаме согласно маркиците кои што постоеја во оваа парцела, после административниот увид во Општина Битола, точно, изградба на спортски објект и него го посветивме токму на изградбата на овој базен, што ќе овозможи анимирање на младите, на учениците, но и ќе овозможи на оние училишта кои што немаат спортски сали, дел од своите активности да ги изведуваат токму тука, во овој базен. Тоа значи дека базенот ќе биде во насока на школските активности, но сигурно ќе биде отворен и за граѓаните, нешто што години наназад Битола го заслужувала, меѓутоа не го добивала“, изјави градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Пливачкиот затворен базен, е проектиран според сите стандарди за одржување како на големи натпреварувања во нашата држава, така и на меѓународни натпревари, кои ќе бидат гордост на сите битолчани и сите спортисти во нашата држава.

„Овој базен е со димензии 25 метри должина и 9 метри широчина со што ги исполнува условите за одржување на вакви натпревари, дополнително енергетско – ефикасен, се со цел да заштедува колку што може повеќе од трошоците кои што ќе излезат од овој базен, се со цел да биде рентабилен, да биде одржлив и да не нанесува големи трошоци, како на општината, така и на училиштето. Дополнително ми е драго што ја привршуваме првата фаза од овој проект за 14 затворени пливачки базени, односно првата фаза од 6 општини, завршува со Битола и со тоа покажуваме дека тоа што го имаме во програмата и го реализираме. Овој базен ќе биде пред се во насока колку што може повеќе да ги оттргне децата и спортистите од сите негативни и штетни влијанија, пред се во делот на сколиоза, деформитети, зголемена телесна тежина. Пливањето како базичен спорт, пред се да ги мотивира децата да спортуваат, да ги стимулира дополнително да практикуваат спорт и здрав начин на живот. Рокот на изведба е 18 месеци, но во разговор со изведувачите, тие не убедуваат дека може многу порано да се заврши, што значи дека некаде до крајот на 2020 година или почетокот на 2021 битолчани ќе имаат затворен пливачки базен по сите стандарди и сите ние заеднички ќе се гордееме на сето тоа“, изјави Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт, нагласувајќи дека со ваквите мерки и политики, се збогатува и се дава дополнителна вредност не само на спортот, туку и на општествено – културниот живот во Општина Битола.

Реализацијата на ваквите проекти, има за цел да ги поттикне младите да живеат здрав живот.

„Министерството за образование и Владата на Република Северна Македонија од самиот почеток ја препознаа потребата за развивање на здрав спортски дух кај младите и во рамките на сите активности што ги преземаме, ние воведовме и дополнителен тандем, наставник по физичко, уште од најрана возраст кај младите. Во таа насока низ целата наша држава, со поддршка на Министерството за образование, а со уште поголема поддршка на Агенцијата за млади и спорт и локалните самоуправи, во голема офанзива овие две години се отвораат објекти од спортски карактер во многу општини и училишта, а еден од нив е и овој затворен базен. Се надевам учениците и сите битолчани ќе го видат многу брзо задоволството и бенефициите колку спортот значи, особено пливањето за нив, посебно во рамките на наставните програми и проектните активности за кои досега мораа да одат во Скопје, за да видат затворен базен“, изјави заменик министерот за образование и наука Елизабета Наумовска.

Покрај затворениот пливачки базен, во тек е тендерската постапка за реконструкција на кугланата во Општина Битола. Со овие два големи проекти, финансирани од Агенцијата за млади и спорт, уште еднаш се потврдува континуираната заложба на локалната и централната власт за подигнување на стандардот во спортската инфраструктура во Општина Битола.

GOLD
To Top