Новости

Битола инфо

Потпишан меморандум за соработка помеѓу општина Битола и Здружението на пензионери од Битола

Во насока на понатамошен развој на условите за живот на пензионерите, Општина Битола и Здружението на пензионери – Битола, денес потпишаа Меморандум за соработка. Тргнувајќи од потребите на пензионерите на Општина Битола за унапредување на нивните права и подобрување на состојбата во сите сфери на општественото живеење од една страна и можностите и надлежностите на локалната самоуправа согласно Законот за локална самоуправа и Статутот на Општина Битола, од друга страна, Здружението на пензионери Битола и градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, ќе делуваат во насока на остварување на повеќе цели. Можности за делување на клубовите на пензионери, социјално – хуманитарни активности и други општествени активности, се само дел од целите кон кои ќе биде насочена идната соработка.

„Како рекле: Онаму, каде што е искуството, таму е и мудроста. Дефинитивно, во ова Здружение гледаме голем потенцијал во делот на идната соработка, токму потпирајќи се на нивното искуство. Затоа овој меморандум, меѓудругото опфаќа и вклучување на пензионерите во низа активности на општината, вклучување во активностите на Советот, во програмите кои што ги изготвува Општина Битола, меѓутоа не само тоа, туку и овозможување на олеснителни околности за нивните активности, што е пак поврзано со месните заедници, кои што ги има како објекти во Општина Битола. Исто така, бидејќи општината е збратимена со многу градови ширум светот, ова отвора можности, онаму каде што имаме збратимувања со градовите, воедно да ја прошириме соработката и на ниво на пензионерски здруженија“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Ваквиот пристап на локалната самоуправа има големо значење за здружението.

„Ова за Здружението на пензионери е голем ден. Првпат, Здружението на пензионери, потпишува ваков Меморандум со локалната самоуправа, за таа работа и се заблагодаруваме на градоначалничката Наташа Петровска и сметаме дека соработката ќе продолжи уште во посилен ек и се она што е предвидено со Меморандумот и ќе го исполниме. Ние сме ново раководство на Здружението на пензионери на Битола и сметаме дека ќе имаме одлична соработка со локалната самоуправа. Ќе учествуваме секаде таму каде што се работите од интерес за пензионерите и сметаме дека Општината Битола, тоа ќе го направи во заедничка соработка со нас“, изјави Томе Димитровски, претседател на Здружението на пензионери – Битола.

GOLD
To Top