Новости

Битола инфо

Промовирана кампањата „Прочитај ми сказна за да го разберам светот”

НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола, Фондацијата „Чекор по чекор“ и „Сумнал“ – здружението за развој на Ромите вчера заеднички го одбележаа 2 Април -Светскиот ден на книгите за деца и 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.

За таа цел, ја промовираа кампањата „Прочитај ми сказна за да го разберам светот”, со цел да се популаризира читањето книги кај ромските деца од најмала возраст, како и кај сите деца.

Кампањата опфати средба со писатели, читање на книги од познати личности, едукативни работилници за деца и родители итн.

На настанот во Битола беа присутни над 100 ученици  од основните училишта од Битола „Стив Наумов“, “Гоце Делчев“ , децата од градинката „Естраја Овадија Мара“ – Битола и деца кои го посетуваат  „Сумнал“ – здружение за развој на Ромската заедница.Со децата се разговараше за книгите и ги гледаа аудио визуелните сликовници во издание на Чекор по чекор. За прв пат во библиотеката беа поставени маси и столчиња да можат учениците да читаат книги, да бојат сликовници итн.

Следењето на модерните текови е резултат на нашите настојувања, библиотеките да работат во пресрет на потребите на заедницата, особено на најмладите учесници како наши идни корисници. Со цел да се популаризира книгата и читањето од најмала возраст потребно е примена на нови форми и методи кои се прифатливи за нивната возраст, причинувајќи им задоволство и воодушевување и тоа преку игра и забава и користење на соодветен дидактички материјал. Соработката со субјектите кои се и најчести консументи на информациите и услугите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола е особено важна со оглед дека истите дејствуваат во заедницата и имаат важна општествена улога. Соработката со здруженијата на граѓани, основни училишта и родители резултира со нови иновативни идеи и организирање на специјални настани кои во јавноста предизвикуваат особен интерес рече м-р Јелена Петровска директорката на НУУБ „Св.Климент Охридски“ – Битола.

Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ во рамки на Компонентата „Вклучување на семејството и заедницата“, која има за цел да го подигне интересот кон читањето и математиката кај најмладите ученици и да ја вклучи целата заедница во овие активности со децата, најавува посета со „Библиотеката на тркала“ во вашето училиште . „Библиотеката на тркала“ претставува специјално пренаменето возило, опремено со книги и дидактички материјали за читање и математика со кое ги посетуваме училиштата од сите региони во државата за да им овозможиме пристап до материјали за учење на учениците од 1 до 3 одделение Oсвен во областа на образованието.

Читањето е забавно. Тоа е клучна вештина која ни помага да учиме и да го живееме животот – и затоа започнувањето со читање е возбудлива и важна фаза од развојот на децата. Да им овозможиме на децата редовни дружби со книгата од мали нозе, да им го збогатиме детскиот вокабулар со нови зборови, да ја поттикнеме љубопитноста од најмала возраст,  да им ја развиеме способноста за памтење и креативност. Децата се како сунѓери, да им овозможиме нови знаења во забавна и опуштена атмосфера рече Фатма Бајрам Аземовска претседателка на „Сумнал“ – здружението за развој на Ромската заедница.

Издавачката куќа Вермилион на Библиотеката и на Сумнал им подари книги за најмладите читатели.

Сумнал големо внимание осврнува и стреми кон зајакнување на капацитетите на ромската заедница преку подобрување и развој на ромската култура, јазик и традиција како и промоција на позитивните вредности на културата на Ромите како услов за унапредување на современото македонско општество и рушење на стереотипите и предрасудите. Во однос на културата и негувањето на традициите, мораме да напоменеме дека Сумнал секоја година традиционално го одбележува денот на Ромите, кој секогаш е на 8 Април.

Евротип
SNBROKER
To Top