Новости

Битола инфо

Работилница во Битола на тема „Самодовербата и убавината“

Во понеделник 05 ноември во 17 часот во салонот за убавина „Империјал“ Во организација на Здружението за наука, култура и литература „Златно Перо“ Битола и салонот за убавина „Империјал“ ќе се одржи работилница на тема: „Самодовербата и убавината“.

На работилницата свои излагања ќе имаат психологот Aна Настевска, Анита Јовчевска, стилист и советник за убавина и Јулијана Наумовска, модератор.

По повод работилницата поразговаравме со нив за темата на која ќе се разговара в понеделник на работилницата.

Јулијана Наумовска –потпретседател во здружение за наука,култура и литература Златно Перо –Битола


Шеталиште: Кажете ни нешто повеќе за работилницата?

Јулијана Наумовска: Најпрво да ви се заблагодарам вам, на Шеталиште како сајт кој уште од самиот почеток на формирањето на нашето Здружение „Златно Перо“ ги поддржувавте сите наши проекти. Здружението „Златно Перо“ постои веќе 4 години со реализирани успешни проекти во областа на литературата, многу поетски читања, издадени преку 20 книги, организатор на многу работилници и сега најново работилници од областа на психологијата. Со оваа работилница направивме спој на психологија, убавина и уметност, експеримент кој се надеваме ќе биде успешен и убаво примен. Самата работилница ќе биде во опуштена атмосфера во просториите на салон за убавина „Империјал“. Јас не сакам рамки,ограничувања и бариери за мене и невозможното е возможно и сметав дека нема посоодветно место од „Империјал“ за работилницата и мислам дека пораката која сакаме да ја упатиме ќе допре до сите присутни.
Нашата визија, мисија и крајна цел е приближување на професијата психолог до сите слушатели на нашите работилници и извлекувањето на најдоброто од секој учесник. Промените започнуваат од нас самите, сѐ е во нас и сѐ зависи од нас колку повеќе се спознаеме самите себе толку подобро ќе ги запознаеме и другите. Сѐ зависи од нас. Организирањето на оваа работилница беше спонтана, како корисник на услугите на салон за убавина „Империјал“ јас би рекла храм на убавина во кој секоја дама е третирана на најпрофесионален начин инспирација ми беше Анита со нејзиниот професионален однос кон сѐ што работи, нејзината смирена енергија, јас би рекла создава уметност на нашите лица и прави магија во нашите души, и ѝ ја предложив идејата и таа со задоволство ја прифати. Со Ана Настевска уште поодамна ја имавме зачнато идејата, имавме трите краток состанок и тоа беше тоа кога ќе се пронајдеш со некој човек на иста бранова должина, делиш иста енергија не губиш многу време само се движиш, така се роди идејата САМОДОВЕРБАТА И УБАВИНАТА.

Шеталиште: Според вас постои ли дефиниција за убавина?

Јулијана Наумовска: Дефиниција за убавина –  кога надворешното е во хармонија со внатрешното. Харизмата, енергијата, смиреноста, позитивниот став во склоп со убава негувана надворешност е секогаш добитна комбинација. Сето ова како дефиниција го знаеме сите, но како таа дефиниција да стане дел од нас во тоа е филозофијата и големината. Исто и посебноста кај жената нејзината оригиналност е нешто на кое се восхитувам. Пример за убава жена за мене е среќната жена, жена која од секоја ситуација знае со минимумот да го извлечи максиумот.

Шеталиште: Има ли убави жени кои не се сигурни во својата убавина? И зошто е тоа така според вас?

Јулијана Наумовска: Јас сум по вокација магистер по евроинтеграција и комуникација и голем љубител на психологија, филозофија и религија моето неформално и информално образование сум го насочила кон овие теми од мое видување како лаика а не како психолог, мислам дека има многу убави жени особено во нашиот град. Самодовербата е менлива категорија расте, опаѓа се зајакнува, многу често според мене и се меша со ароганција што е сосем спротивно, а тоа е како резултат сепак на недоволно спознавање на самите себе,пак ќе кажам сѐ почнува од нас.

Анита Јовчевска, стилист и советник за убавина

Шеталиште: Која е според Вас дефиницијата за убавина?

Анита Јовчевска: Дефиниција за убавина според мене е одразот кон самите себе, одразот на култура. Убивината на жената се гледа од тоа колку таа се грижи за себеси, колку внимава на својата внатрешна убавина. Но, да не заборавиме тука е и здравјето. Доколку една жена се грижи за своето здравје, води здрав живот и ги одбегнува лошите навики кои влијаат на квалитетот на животот, тогаш тоа се одразува и на надворешната убавина. Но, она што јас го потенцирам постојано е дека мора да се негуваме самите себе. Нега и само нега. Резултатите потоа сами ќе си дојдат. А има ли нешто поубаво од добро негувана жена?

Шеталиште: Благодарение на она што го работите, може да се каже дека сте заслужни за убавиот изглед на многу жени. Колку жените се свесни за својата убавина?

Анита Јовчевска: Точно, благодарение на мојата работа постојано сум во контакт со жени, секоја различна и секоја приказна за себе. Но, секоја има своја посебна убавина. Работата на стилистот е токму да ја препознае таа убавина и да ја истакне. Голем дел од жените кога ќе се нашминкаат и ќе направат поинаква фризура, се вчудоневидуваат од одразот во огледало. Треба само малку повеќе храброст, но и решителност да се промени нешто, да се помрдне од точката каде што се застанати.

Шеталиште: Зошто жените не се сигурни во својата убавина и им подлегнуваат на комплексите?

Анита Јовчевска: Постојано сум во контакт со убави жени, кои не се свесни за својата убавина заради тоа што немаат доволно самодоверба. Голем дел се робови и на комплексите, кои некаде реално постојат, но некаде не постојат, тоа се дел само на несигурноста на жената. Според мене, комплексите се јавуваат кога жената не е исполнета со самата себеси и не прави ништо за да го реши својот проблем. Јас, кога сум во можност, секој момент го користам да им помогнам да се остварат себеси.

Ана Настевска – психолог, магистер по клиничка и советодавна психологија

Шеталиште: Каква е самодовербата на жените кога се работи за убавината?

Ана Настевска: „Убавината на жената мора да биде видлива во нејзините очи, бидејки тие се портата до нејзиното срце“ (Одри Хепберн), ова е цитат кој отвора многу простор за дискусија и мисла која ја потенцира индивидуалноста на секоја жена и индивидуалноста во задоволството од сликата за себе, она што сакаме да бидеме и она што навистина сме.Или, што би се рекло, сите очи гледаат различно.Постојат различни мислења во однос на поврзаноста помеѓу убавината и самодовербата. Едни ќе речат: „Ако жената е убава и е свесна за својата убавина тогаш сигурно нејзината самодоверба е голема“. Други пак ќе речат: „жената може да не е толку убава, но кога зрачи со самодоверба може да поубава и од најубавата“.

Шеталиште: Што е она што може да го направат за да ја пидигнат самодовербата?
Ана Настевска: Самопочитта се дефинира како високо задоволство од самиот себе, свест дека вредиме како личности. Со тоа позитивно чувство оди и самодовербата т.е. доверба во својата сила и способности. И така, можеме да се вртиме во круг, дали ако сме убави ќе сме и посамоуверени или ако сме посамоуверени ќе сме поубави, со што доаѓаме до онаа стара мудрост која остана неоткриена „што е постаро, јајцето или кокошката“… со таа разлика што тука го имаме одговорот. Од сето ова се протега прашањето, што подразбираме кога некој ќе рече убава жена? Кои асоциации први ни доаѓаат на памет? Она што можеме да го заклучиме е дека убавината и самодовербата во голема мера одат рака под рака, односно имаат голема причинско-последична врска.

Шеталиште: Како психолог, кои се вашите совети? Треба ли да се обрнува толку внимание на надворешниот изглед, на сметка на внатрешниот? Или може да се најде компромис?

Ана Настевска: За наша среќа, имаме многу можности како да ја развиваме,усовршуваме и негуваме убавината во нас. Имаме експерти кои можат да ни помогнат за нашата надворешна убавина и имаме доста солидни експерти – психолози, кои можат да ни помогнат за нашата внатрешна убавина, без ,при тоа да трпи едното или другото. Наше е само да посакаме. Целта е да работиме на себе и надворешно и внатрешно, бидејки целта е да сме комплетни личности. Во насока на остварување на оваа цел е нашата работилница, каде што низ многу совети,поддршка и техники за зголемување на самодовербата, заедно, ќе направиме чекор понатаму во личниот раст.

GOLD
To Top