Новости

Битола инфо

„Различни, а сепак исти“ – двојазична книга на две средношколки од Битола

Со звукот на виолината на Ана Божиновска и говорот на модераторот и преведувач, Сибела Алимовска, во малата сала на Центарот за култура во Битола, се одржа промоцијата на книгата „Различни, а сепак исти“ на младите авторки, Бесјона Јусуфи и Ангела Пандовска, ученички во прва година во една од најдобрите гимназии во Република Македонија, СОУ„Јосип Броз Тито“ – Битола. Се работи за двојазична книга напишана  на македонски и албански јазик.

Промотор, а воедно и рецензент беше професорката по Македонски јазик и литература,  Соња Живковиќ-Ѓоргиевска,  која меѓу другото рече дека со задоволство ја промовира оваа, по многу нешта специфична книга на двете млади девојки кои сакаат да припаѓаат на модерното време, без предрасуди, во кои има многу позитивни чувства, посочувајќи дека оваа мала книга има тежина, така што читателот може да ја вкуси приказната за две девојчиња кои имаат различни карактери, но имаат нешто заедничко … љубовта.

На двете ова им е втора, но овојпат заедничка книга.

Бесјона Јусуфи е млада девојка од Битола, родена 2002 година. Минатата година ја објави својата книга со поезија и проза „Стиховите ме потсетуваат“ на албански јазик.

Ангела Пандовска е млада девојка од Битола, родена 2002 година. Минатата година ја објави својата книга „Животот на една девојка“.

Ангела и Бесјона со ова дело, го кршат мразот на дискриминацијата, предрасудите, стереотипитете меѓу две нации и различни религии.

Ангела Пандовска запраша:„ Што ако сме од друга религија? Дали имаме нешто помалку или повеќе? НЕ. Ние одговориме на сите ваши несакани прашања со НЕ, НЕ и НЕ!“. Потенцираше дека животот треба слободно да се живее, опуштен без никаков притисок.

Бесјона Јусуфи рече:„Промовирањето на книгата носи силни пораки за разликите меѓу луѓето и разбирањето меѓу нив, мултикултурниот дијалог и повеќејазичноста, ставајќи ги основните човечки вредности, како што се љубовта, вистината, лојалноста и така натаму“.

Авторките се надеваат дека со оваа мала книга, ќе ги допрат ладните срца, ќе вбризгаат топла љубов, докажувајќи дека не е сè во она што некој го гледа само однадвор.

GOLD
SN Finansii
To Top