Новости

Битола инфо

Ротари Клубот Битола започна со реализација на проектот за санација и опремување на кошаркарските игралишта во битолските училишта

Ротари Клубот Битола започна со реализација на „Проектот за санација, обновување и доопремување на кошаркарските игралишта во градот Битола“. За таа цел имавме можност да поразговараме со г-динот Ратко Христов, Претседател на Ротари Клубот Битола, кој не информираше за текот и начинот на реализација на проектот.

„Најпрво, во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам на сите основни училишта кои аплицираа за овој проект. На наша среќа или можеби треба да се каже на жалост, имајќи ја во предвид состојбата во основните училишта, во Ротари Клубот Битола пристигнаа апликации од сите 12 училишта од Општина Битола. Претставниците на Ротари Клубот Битола излегоа на терен во сите училишта и ја увидоа состојбата на истите. Покрај тоа што најголем дел од училиштата имаа потреба од табли и обрачи на надворешните игралишта, исто така голем проблем во најголемиот дел од нив беше и асфалтот на кој истите се поставени, нешто што не се обновувало од кога биле изградени истите училишта. За таа цел Ротари Клубот Битола одлучи целокупниот проект да се одвива во две фази, првата поставување на табли и обрачи за кошарка во неколку училишта и втора фаза санација на асфалтната подлога на некои од нив,“ образложи Ратко Христов, претседател на Ротари клуб Битола.

Во првата фаза,  пред една недела се комплетира санацијата и поставувањето на табли и обрачи во Основното Училиште „Гоце Делчев“ – Битола.

„Ова е првото од неколкуте училишта во кој овој проект ќе се реализира, избрано пред се поради фактот што веќе повеќе години на истото место немало услови за играње на кошарка, како и поради постојаниот проблем кое ова училиште го има со паркирањето на возила во училишнот двор, надевајќи се дека ова би придонело кон трајно решавање на истиот,“ истакна  г-динот Христов.

На лице место затекнавме голем број деца кои веднаш ни кажаа дека се многу среќни што конечно ќе можат да играат кошарка на овој терен и ќе се грижат ништо да не се случи со кошевите, бидејќи долги години ја немале оваа шанса.

GOLD
To Top