Новости

Битола инфо

Руска црква се подготвува за утрешниот празник

Црквата Пресвета Троица во Битола или попозната како Руска Црква започна со одбележувањето на празникот Духовден, кој го слави на вториот ден. Празнувањата започнаа вечерва со Петолебието – кратката служба на Благодарност, преку која ја изразуваме нашата благодарност кон Бога за сите благослови во животот.

Маслото, виното, пченицата и лебовите што се употребуваат во службата ги претставуваат најосновните елементи неопходни за живот. Ова благословување не’ потсетува на чудото на умножување на лебовите и рибите од страна на Христа, со кои нахранил мноштво луѓе.

Изградена е во бурните времиња, во времето после страшната октомвриска револуција, да биде Ноев кораб на раселените руси, дојдени во Македонија. Оваа мала црква, требало да биде мала икона на светата Рус, далеку од татковината. Впечатливо, црквата првобитно и е изградена од дрвени штици, со изглед на типична малечка руска црквичка. Оваа црква била и дом, и библиотека и црква, на руските емигранти, но и на сите православни христијани од Битола. Црквата станува дел од живото ткиво на Христовата Црква која пребива во Битола, и така е до денес.

Особено радосна е мислата дека во оваа Црква богослужел и големиот угодник Божји, тогаш како јеромонах Јован, а денес св. Јован Шангајски или Битолски.

Денес, ,,Руската Црква“ го чува споменот на него, чувајќи ги и покажувајќи ги на верните предметите со кои св. Јован богослужел, неговите свештенички облеки и др.

Во последните години торжествено се слави неговиот свет спомен, и може да се рече дека празникот на св. Јован Шангајски и Битолски е втора слава на црквата.

GOLD
To Top