Новости

Битола инфо

Се санира училиштето во село Кравари

Училиштето во населеното место Кравари, на само неколку километри од Битола, не само што инфраструктурно било запоставено, туку немало ниту соодветна канализациона регулација, па фекалиите од него завршувале во септичка јама околу училиштето. Наставници и родителите велат дека децата просто се соочувале со опасност да пропаднат од стариот под во подземните визби. Сега се врши целосна санација на училниците и на подрумските простории со тампонирање.

„Продолжуваме со вложување во образованието и со подобрување на условите во образовните институции каде што се наоѓаат нашите најмили. Овде санираме внатрешен простор со 610.000 денари, кој што беше во очајна, запрепастувачки лоша состојба, но она што дополнително ќе го изработиме во ова училиште е канализацијата.Тоа значи дополнителен влог од уште околу 1.000.000 денари по тој основ. Ќе се изврши и дренажа на надворешната страна, како и одводните води. Ако се санираше само внатрешноста, без да бидат отстранети причините од влагата, која ги направила оштетувањата во внатрешноста, практично ништо немаше да се постигне. Од почетокот на мојот мандат говорам дека образованието беше во очајна состојба, но како што одминува времето не само што финасиски ги накренавме училиштата, туку и конечно вложуваме во сериозни зафати во нив“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Населеното место Кравари има канализационен систем, но училиштето било оставено да функционира со септичка јама.

„По извршениот увид, покрај нефункционирањето на фекалната канализација, немаше поставено никаква дренажа на самото училиште и атмосферските води кои се прифаќаат од покривот, слободно течеле по ѕидовите на објектот и имаат големо оштетување. Со наша интервенција ќе се изврши дренажа, прифаќање на атмосферските води од покривот и ќе се одведи до канализационата мрежа која е изградена во 80-тите години од минатиот век“, рече директорот на КЈП „Нискоградба“, Методиј Силјановски.

Реконострукцијата се очекува да заврши до почетокот на месец декември, а во ова училиште учат околу 50-тина ученици од 1-5 одделение. Исто така, на средбата со родителите, наставниците и останатите жители на Кравари, беа посочени одредени проблеми со кои се соочува локалното население, за кои градоначалничката посочи дека ќе се работи и на нивно решавање.

GOLD
To Top