Новости

Битола инфо

Со германска донација опремени кабинети во Техничкото училиште

Во соработка помеѓу средното техничко училиште од Битола, општина Битола и Амбасадата на Сојузна Република Германија, денес беше промовиран проектот „Опремување на кабинет за практична настава по електроенергетика и кабинет по физика“ со наставни средства и опрема за наведените наставни предмети. Со успешно подготвениот проект од училиштето, адаптацијата на соодветните услови од општината и финансиската поддршка од германската амбасада се создаваат комплетно нови услови кои ќе бидат во функција на воспитно – образовен напредок и постигнување високи резултати на учениците.

„За добар воспитно – образовен процес, за вистински успешна настава, секако најпотребното нешто, покрај наставен кадар кој што е добро обучен, се и нагледните средства, така се разбудува и интересот кај учениците, меѓутоа и можноста директно преку тие нагледни средства да ги гледаат појавите, процесите, кои што треба да ги стекнат како теоретско знаење и тоа точно преку практично согледување на нештата. Токму затоа, велам дека овој ден е значаен, не само за техничко училиште, туку воопшто за воспитно-образовниот процес во нашата општина. Голема благодарност до германската амбасада што овозможи да ни ја донесе оваа донација во вредност од 5500 евра, каде што општината својот придонес го даде со над 230 000 денари, во овозможување овие кабинети да изгледаат онака како што доликува, бидејќи станува збор за опрема која што треба да биде сместена во добри услови. Она што останува, а верувам ќе биде искористено и од учениците и од наставниците е да се стекнат со знаења многу повеќе, а тие знаења ќе бидат искористени од учениците во нивното понатамошно школување на оние кои ќе одлучат и понатаму да се образуваат, но и за оние кои ќе решат да одат на пазарот на трудот, со своето средно образование да бидат многу пообучени, поуспешно опремени, за да се снаоѓаат и да имаат продуктивност и за себе, но и за општествената заедница“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Заменик амбасадорот на Германија, нагласи дека стручното усовршување на учениците е од голема важност за економски напредок, што исто така е причина за нивната инвестиција во оваа област.

„Овде финансиски го поддржавме опремувањето на два кабинети, по физика и електроенергетика и тоа го сторивме од нашиот Фонд за мали грантови, од амбасадата, пред се заради тоа што проектот беше многу добро подготвен и гледаме многу смисла во понатамошната стручна обука на учениците. Најголемата тајна на економската моќност и сила на Германија, е токму стручното образование. Токму таа комбинација од универзитетско и стручно образование, кое што исто така би сакале да се случува и во Македонија. Самото образование е еден многу осетлив сегмент во секоја држава и од таа причина сметаме дека е многу добро што даваме поддршка во оваа област“, изјави заменик амбасадорот на Германија д-р Петар Шален.

Директорот на училиштето потсети на претходната состојба во училиштето, изразувајќи големо задоволство, што првпат, после дваесет години, во ова училиште, има можност да види соодветни услови за практично усовршување на учениците.

„Денес ми е чест да ги пуштиме во употреба овие два кабинети по физика и по практична настава по електроенергетика, искрена благодарност до Амбасадата на Сојузна Република Германија и Општина Битола, кои застанаа зад овој наш проект. Кабинетите ги подготвивме како доста опремени нагледни простори, каде учениците ќе можат да го најдат креативното во себе и да постигнат се подобри резултати во наставата. Опрема немаше никаква претходно, немавме кабинет по физика, наследивме ужасна состојба во образованието, се трудиме да ги искористиме сите ресурси и соработка со општината, приватни фирми, амбасади“, изјави директорот на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, Владимир Роме.

Координатор на проектот е Билјана Маринова, професор во училиштето. Придобивките од овој проект треба да се очекуваат и во наредните години, поради запишување на поголем број ученици во ова училиште. Во моментот, околу 700 ученици се опфатени со кабинетска настава по физика, а кабинетската опрема е од најсовремен карактер и во целост ги задоволува барањата на наставните програми.

GOLD
To Top