Новости

Битола инфо

Сугарески: Потпишан договор за пругата Битола-Кременица, ќе има судска постапка за досегашната неефикасност на изведувачите

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска во Битола истакна во пелагонискиот регион, во 2018 година ќе бидат извршени повеќе реконструкции на патните правци. Во делот на железничката инфраструктура, потпишан е договор за изградба на пругата Битола-Кременица и очекуваат брз почеток и финиширање во текот на наредната година.

-Склучен е договор со нов изведувач кој што за извесен временски период треба да започне со доградба на пругата. Очекуваме до крајот на наредната година сите активности да бидат завршени, имаме обезбедено и дополнителни ИПА средства за да не ги користиме тие средства од буџетот на РМ, туку да бидат неповратни. Бев еден од тие кој се залагаше овој проект за пругата Битола-Кременица да биде дел од програмата на Владата, но со сите проблеми кои беа пројавувани, да бидат надминати и овој железнички правец да биде завршен до крајот на наредната година. ИПА средствата се одобрени изминатите денови и ќе ги искористиме се со цел да не дојдат на товар на Буџетот, потенцира Сугарески.

Сугарески и потврди дека до надлежни институции доставиле документи за судска постапка која ќе се спроведе за евентуалните малверзации и досегашната неефикасност на изведувачите при изградбата на пругата од Битола до грчката граница.

Министерот Сугарески денеска во Битола се обрати на форумот „Важност на Пан-европскиот коридор 10 за Република Македонија, Балканскиот полуостров и Европската Унија”. Истакна дека Република Македонија со својата географска позиција има стратешка улога во јакнење на економскиот раст на регионот преку развој на инфраструктурата на двата Коридори, 8 и 10.

-Во делот на Коридорот 10-д ние сме сериозно посветени и тоа може да се забележи со потпишаните договори за градба како што е патот Градско-Прилеп кој се гради на три делници, а во план е и изградбата на експресниот пат Прилеп-Битола-граничен премин Меџитлија за што очекуваме час поскоро завршување на проектната документација, посочи министерот Сугарески.

Научниот форум на тема „Важностa на Пан Eвропскиот Коридор 10-д за Република Македонија, Балканскиот полуостров и Европската Унија“ го организираше Технички факултет-Битола, а со цел на едно место да дебатираат претставници на академската заедница и релевантните фактори за одлучување.

-Академската заедница може да придонесе во изработката на проектите и директно да овозможи да се реализира барањето на ЕУ патиштата да бидат на ниво на автопат, како што тоа е од грчка страна до македонската граница, и да нема тесни инфраструктурни грла, а со самото тоа подобар економски развој на регионот и сообраќајна комуникација меѓу градовите, посочи Верица Дамчевска,професор на Технички факултет-Битола.

Министерот побара од стручната јавност да се вклучи во креирање на националните политики за развој на патната и желеничката мрежа во Република Македонија.

GOLD
To Top