Новости

Битола инфо

Универзитетот во Битола одбележа 39 години постоење

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во рамките на одбележувањето на денот на основањето одржа Форум за соработка на Универзитетот со работодавачите за поквалитетни и поатрактивни студиски програми со наслов „WIN – WIN“.

Идејата за форумот е на едно место да се вкрстат понудата и побарувачката, но и да се идентификува какви знаења, компетенции и квалификации од нашите студенти очекуваат работодавачите со цел академската заедница да ги прилагоди студиските и предметните програми што подобро истите да се прилагодат на пазарот на труд. Главната цел е постојано да се одржува и надоградува веќе постоечкиот линк меѓу работодавачите и Универзитетот и воедно да се антиципираат потребите и очекувања на работодавачите што ќе бидат во функција на креирање нови или подобрување и прилагодување на постојните студиски програми за продуцирање конкурентен високо-образован кадар со соодветни компетенции и квалификации .

Според ректорот на УКЛО-Битола, Сашо Коруновски, Форумот е форма со која излегуваме од досегашната стереотипна форма на прославување на денот на основањето на УКЛО.

– Ние ги отстрануваме предрасудите на академската заедница, отворено влегуваме во активности кои се за доброто на студентите и на бизнисот, но пред се на Универзитетот кој може да влезе во систем на редефинирање на студиските програми. Соработката со бизнис заедницата е континуирана, а првпат и на највисоко ниво, истакна ректорот Коруновски.

Врската меѓу бизнис заедницата и Универзитетот во овој момент е доминантен проблем. Испорачувањето на кадри за бизнисот и можноста да се оствари повисока стапка на раст е многу важна, нагласи претседателот на Стопанската комора на Македонија (СКМ), Бранко Азески на форумот во Битола.

– Според анкетите во СКМ и контактите со фирмите ова е најгорливиот проблем кој се чувствува на три нивоа, и тоа во однос на испорачувањето на кадри потребни за стопанството, во делот на менаџерскиот, но и на сопственичкиот кадар кој е без искуство. Во вистинско време разговараме за овие проблеми, а нашите проекции и предлози се воведување на дуално образование на пониските нивоа и интензивна соработка со високообразовните нивоа, истакна претседателот на СКМ, Бранко Азески.

Свое излагање на форумот имаше и директорот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, д-р Климе Попоски кој меѓудругото препорача во оваа фаза додека траат измените и дополнувањата на законот за високо образование кои се во тек, да се овозможи на високостручни лица да предаваат на универзитетите во Македонија, што сега не е можност и законот им го ускратува тоа право.

На форумот „WIN-WIN“ со свои излагања настапија и Глигор Бишев од Шпаркасе Банка, како и Симон Наумоски, претседател на одборот на директори на прехранбената индустрија „Витаминка“-Прилеп. Форумот заврши со презентација на заклучоците и препораките од работниот дел.

 

GOLD
To Top