Новости

Битола инфо

Ученик од битолско училиште физички нападнат од хигиеничар

14-годишен ученик од ОУ “Коле Канински” од Битола во саботата бил физички нападнат од хигиеничарот во училиштето, информираат од Министерството за внатрешни работи.

На 14.04.2018 година во 15.30 часот во Полициската станица Битола, 14-годишникот од Битола заедно со негов родител го пријавиле настанот кој се случил истиот ден околу 15.00 часот.

Додека чекал наставник, малолетникот случајно турнал лименка од прозорецот. Во тој момент хигиеничарот Ј.Т. почнал да му вика, барајќи да ја фрли лименката во ѓубрето. Откако не го послушал, хигиеничарот најпрвин го турнал по скалите, по што го удирал по лицето. Малолетникот се здобил со повреди и отишол во Клиничката болница во Битола за укажување лекарска помош, а го известил и родителот за настанот. Подоцна, настанот бил пријавен и од директорот за училиштето.

Од Клиничка болница Битола велат дека во саботата на Ургентното одделение е примен ученикот кој веднаш бил препратен на максило-фацијална хирургија.

“Утврдени се огреботини и набиеници по лицето и вратот, и истите се санирани. После направената рентген снимка утврдено е дека нема знаци за трауматски промени на лицев скелет. Пациентот е пуштен на домашно лекување”, изјави Сузана Коневска, портпарол на Клиничка болница Битола.

Против хигиеничарот поднесена е прекршочна пријава по член 12 став 1 по законот за нарушување на јавен ред и мир, вели Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.

Директорот на училиштето, Зоран Мирчевски вели дека училиштето ги презело сите мерки и ја извести полицијата веднаш после настанот, а потоа и Државниот просветен инспекторат.

“Вработениот е суспендиран, свикана е дисциплинска комисија која ќе го истражува настанот. Се надевам ќе се расветли во иднина и сите правни процедури ќе бидат спроведени до крај”, вели директорот Зоран Мирчевски.

GOLD
SN Finansii
To Top