Новости

Битола инфо

ФОТО: На француските гробишта во Битола поставен споменик од македонски гранит и француски камен

Пратениците Сор и Галбадон заедно со Амбасадорот на Франција Кристиан Тимоние денеска присуствуваа на комеморативниот настан за жртвите од Првата светска војна на француските воени гробишта. По тој повод свечено беше поставено уметничко дело  изработено од француски ученици од Гимназијата „Ла Рокел“ од Кутанс во Нормандија кои се на училишна размена со Гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола.

Споменикот е направен од македонски гранит и француски камен, со впишани имиња на Македонци и Македонки кои настрадале во Првата светска војна, од денеска ќе сведочи за настаните од Првата светска војна и Македонскиот фронт.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на комеморативниот настан, истакна дека споменикот го изработија француски ученици од Гимназијата „Ла Рокел“ од Кутанс во Нормандија, кои соработуваат со учениците од Гимназијата „Јосип Броз Тито“-Битола и има за цел да даде смисла на сеќавањето на Првата светска војна, која се одвиваше и тука, на Истокот. Тоа е, нагласи, споменик за поткревање на свеста за мирот и заедничка обврска од Францускиот до Македонскиот фронт.

– Изборот на бои и материјали е силен и заборува самиот за себе. Каменот од Каен зборува за потеклото на војниците, гранитот е присутен со цел да ја валоризира планината која не опкружува и која ги видела како паѓаат сите овие војници. Идејата да се впишат македонски имиња е со цел да се фрли светлина врз страдањето на цивилите. Битола за нас е место за средба, споделување и истражување на Македонскиот фронт. Станува збор за град кој бил бомбардиран, и во кој цивилите се сеќаваат на тоа што било војна, рече меѓудругото амбасадорот Тимоние кој заедно со учениците од двете држави го промовираа новиот споменик на Француските воени гробишта во Битола.

На комеморативниот настан учествуваа и пратениците во Собранието на Република Франција Бертран Сор и Грегори Галбадон, кои ја предводат Групата за француско-македонско пријателство.

GOLD
SN Finansii
To Top