Новости

Битола инфо

“Хераклеја Линкесис” и донесе Гран при на Вања Ангелова

Вања Ангелова, поетеса од Бугарија со македонски потекло по татко е добитник на годинашната Гран при награда која секоја година традиционално ја доделува меѓународната манифестација Битолски книжевни паметења во организација на Друштвото на писателите- Битолски книжевен круг.

Наградата му ја врачи претседателот на Битолскиот книжевен круг истакнатиот македонски писател и драматург академик Зоран Пејковски. Во рамките на манифестацијата, пред голем број гости од земјата и странство, беше промовирана книгата ,,Хераклеја Линкестис,, од наградената авторка Вања Ангелова. Промоторот Димитар Пандев истакна дека темите во делото на Ангелова се поврзани со Македонија. Тоа е античка Македонија која засекогаш живее во нас, рече тој. ,,Дискурноста на поезијата доаѓа од минатото за нови поетски набљудување. Антиката е и будна и блудна, а Ангелова е искушеник. Се што еднаш се разурнало одново може да се створи. Поетската мисла е несрушлива. Таква е и ,,Хераклеја Линкестис,, на Вања Ангелова.,,- рече Пандев.

Промоторот Васил Тоциновски рече дека да се говори за библиската земја потребно е да се има знаење и посветеност. ,,Таа пее за нешто во што читателите веруваат. Таа има мудрост да создаде динамична историја која во секое време се актуелизира. Вања стапува во контакт со читателот во  дијалошка форма. Литературата и историјата се своевидни мајки. Ние имаме среќа Ангелова да ни се обрати преку оваа книга и да ни каже да се почитуваме себеси.,,- рече Тоциновски.

По ваквата промоција на нејзиното дело, авторката Ангелова емотивно се обрати пред публиката заблагодарувајќи се на организаторите, како и на своето семејство на поддршката. Посебно се обрати како што рече на својот брат и својот татко по потекло од Македонија.,, Кога пишувам сакам се да е вистина. Се што пишувам јас сум го видела. Не сакам да се оддалечам од историјата. Што се однесува до Филипијадата сакам да кажам дека ако не бил Филип немало да го има Александар. Тоа сакам да го знае цел свет.,, – рече Ангелова.

Во книгата ,,Хераклеја Линкесис,, таа пишува и за царската фамилија, македонската фаланга, свадбата на Клеопатра и други интересни историски моменти.

Наградата за проза ја доби Христо Петрески за книгата,, Прериска лисица,,. Неговата книга содржи 80 раскази кои пренесуваат реалистични слики од секојдневието и умерена доза на надреализам. Тој е гласноговорник против недоследностите, рече промоторката Весна Мундишевска на промоцијата на неговата книга. ,,Петрески храбро се справува со бодувањето и успева да укаже секому. Да порача да се оди напред без фаќање кривини. Неговите раскази се необични и често се обраќаат до читателите. Петрески ги поместува познатите паралели.,,- рече Мундишевска, додавајќи дека расказите на Петрески имаат длабока хуманистичка димензија.

Авторот пак истакна дека насловот на книгата е избран по чуството кое и сам го имал низ годините битисување и творење. ,,Со Прокопиев го напишавме првиот манифест за поезија. Ја напишав и книгата ,,Продавница за чист воздух,, за која и Алаѓозовски рече дека почнува постмодернизмот во Македонија. По толку години повторно е актуелен краткиот расказ. Оваа награда многу ми значи. А јас многу пати сум се почуствувал токму како Прериска лисица.,, – рече Петрески.

Васил Тоциновски ја доби наградата за книжевна критика. Славчо Ковилоски рецензент на книгата ,,Златоусно слово,, на Тоциновски рече дека авторот продира во сржта на проблематиката која ја обработува.

Тоциновски рече дека оваа книга немаше да ја види светлината на денот без поддршката на Зоран Пејковски и Весна Мундишевска. ,,Творецот нурнува низ историјата. Особено ми е драго што Битола ме врзува со својата историја и традиција. Дел од мојата книга е и за Радован П. Цветковски и Владимир Гравчевски.,,-рече тој.

Наградата за поезија на Друштвото на писателите- Битолски книжевен круг ја доби Панде Манојлов за книгата ,,Копнеж во времето,,. ,,Во делото на Манојлов лирското јас протестира против заѕидувачите на светлината.,,- рече рецезентката Даниела Андоновска Трајковска.

Во рамките на манифестацијата беше промовирана драмската пиеса во стих во 18 сцени со пролог и епилог ,,Реквием на смртта,, од Зоран Пејовски. ,,Пејковски е еден од најплодните и најдаровити македонски драмски автори во 21 век. Тој е автор кому пишаниот збор му дава енергија, живот и живост за остварување и задоволување на сетилата за естетика. Тој консултира и пренесува архивска граѓа и историска литература поврзана со Рацин.  Да се создаде дело во чија основа се наоѓа историска личност, во овој случај еден од најзначајните македонски поети и политички дејци Коста Солев, односно Кочо Рацин, само по себе значи своевиден подвиг, но и обврска пред јавноста творбата да поседува високи естетски вредности. Особено што се однесува на последните денови од животот на Рацин. Навидум чистиот случај со смртта на поетот од Велес, набргу предизвикал контроверзии кои до ден-денес се предмет на разни толкувања. Во таа смисла, се чини дека ставот на Пејковски е јасен дека смртта на Рацин е политички исконструиран настан кој бил насочен кон подривање на македонската самостојност. Внимателниот читател ќе забележи дека во драмата се сретнуваат голем број ликови преку кои Пејковски ги изнесува видувањата за дејноста и времето во кое живеел велешкиот поет. Субјективно, ќе рече некој. Се разбира, субјективно, бидејќи објективноста е политичка конструкција изградена за да официјализира некаква и нечија доктрина. Токму затоа е предноста на Пејковски во градењето на литературно дело чија содржина лежи во силно заплеткани историски процеси. Говорот, јазикот, мислите на актерите во драмата дозволуваат развој на ситуација којашто не го обврзува авторот да бара прошка за своите гледишта. Напротив, Пејковски делува сигурно, убедено и убедливо дека трагедијата на Лопушник не е случајна.,,-рече промоторот Славчо Ковиловски.

Делото ,,Реквием за смртта,, е приказна за една голема трагедија која се случи на овие македонски простори, поточно на планината Лопушник 1943 година, кога е убиен еден од најголемите поети, писатели, револуционери и македонски идеалисти Коста Солев Рацин“. Притоа, авторот додава дека: „овде не станува збор воден од максимата дека ‘револуцијата ги јаде своите деца’, не, овде се зборува за една голема друга човечка приказна и огромна духовна димензија која ја истражував повеќе од шест години. Затоа ќе дознаете една драмска вистина, надвор од историографијата, бидејќи историографијата се темели врз запишани документи, а не врз сокривани вистини“.

Своја оценка за ова дело дава и академик Јордан Плевнеш кој ја користи познатата мисла на Јохан Волфганг Гете, дека светската литература наликува на една улица по која се движат бесмртните духови. ,,Тоа е основа на поетската метафора во овој драмски текст во стихови, на македонскиот поет и драматург Зоран Пејковски, посветен на долгогодишната мистерија околу смртта на македонскиот легендарен поет и револуционер Коста Рацин. Речиси на сите меридијани од книжевната мапа на светот можат да се откријат мистериите кои подеднакво се присутни и во јапонската и во кинеската, и во далечно-источната литература, и во сите векови на рускиот прилог во интернационалната книжевна вечност, а да не зборуваме за европскиот органиграм во којшто можат да се сретнат имиња и во античката меморија, и во времето на Римската Империја, и во Византија, и во времето на европскиот романтизам, и посебно во времето на двата сектори на светската духовна ликвидација што се водат под името фашизам и комунизам. Читајќи ја драмата во стихови „Реквием за смртта“ на Зоран Пејковски, се сеќавам на еден настан, за којшто и самиот бев иницијатор, наречен „Филмски воз Скопје – Велес“ по повод 100-годишнината од раѓањето на нашиот вечен и млад бесмртник Кочо Рацин. Во сите вагони на возот беа наредени фотографии од неговото големо патешествие и сите пресвртнички слики на модерната европска историја кои како да ја повикуваа силата на Моцартовиот „Реквием“ за да ја објаснат неверојатно жестоката драма на неговото постоење, до трагичниот миг на неговата ликвидација, во јуни 1943 година, во планината Лопушник во западна Македонија.,,-вели Плевнеш.

Според него „Реквиемот за смртта“ е една пост-модерна слика на целокупната историска космогонија, во која, низ четири драмски единства, се одвива структурата на митскиот лик на Рацин во кого подеднакво силна основа и мотивација добиваат и протагонистите и антагонистите.

GOLD
To Top