Новости

Битола инфо

Ангелевска: Високото образование е темел на македонскиот просперитет

Кандидатот за пратеник од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата во ИЕ5, Силвана Ангелевска, зборуваше за образованието:

„Високото образование во Македонија во моментов не е приспособено на пазарот на трудот, па оттука висок процент на високо образувани кадри ја напуштаат земјата во потрага по работни места, вработување соодветно на нивното образование и подобро вреднување на нивниот труд во струката. Голем број студенти завршуваат на студиски програми од кои пазарот на труд е презаситен или воопшто нема потреба, а многу млади работат на работни позиции кои не одговараат на нивното ниво на образование или на нивните квалификации. Македонија во моментот нема рангиран универзитет на светските листи по квалитет на образование. Сето ова е голема загуба за општеството имајќи предвид дека образованието во Македонија е бесплатно. Затоа, Владата на ВМРО-ДПМНЕ, се обврзува да спроведе темелни реформи во високото образование, во континуирана тесна соработка со универзитетите во Македонија. За унапредување на високото образование, ВМРО-ДПМНЕ ги предлага следните проекти во областа на високото образование: ОСОВРЕМЕНУВАЊЕ НА НАСТАВНИЧКИТЕ ФАКУЛТЕТИ Наставничката професија ќе ја направиме престижна професија која ќе ги опфаќа најдобрите студенти во Македонија и кои ќе обезбедуваат најкомпетентен кадар за продуцирање на квалитетни, вешти, креативни и модерни наставници. Предвидуваме значајно подобрување на компетенциите на идните наставници преку реформирање на студиската програма и условите за упис на овие факултети.
ВМРО ДПМНЕ ќе го реализира и проектот – ФОРМИРАЊЕ И ФУНКЦИОНИРАЊЕ НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ И НАУЧНО ИСТРАЖУВАЊЕ. Националниот совет е предвиден со Законот за високо образование, а досега не функционира во пракса. Квалитетот на високото образование зависи од функционирањето на овие тела и без нивно квалитетно функционирање не може да се обезбеди квалитетно високо образование.
Се обврзуваме и на: РЕВИДИРАЊЕ НА ПРОПУСТИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ. Три години по спроведувањето на Законот за високо образование, во пракса се покажа дека тој е полн со недостатоци, неусогласености и решенија кои не нудат квалитет, напредок и додадена вредност на законот. Затоа, предвидуваме во сеопфатна јавна дебата да преминеме кон прецизирање и коригирање на решенијата од Законот. Проектот:
УНАПРЕДУВАЊЕ НА СТУДЕНТСКИОТ СТАНДАРД е од најголем важност за студентите. ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да го подобри студентскиот стандард преку ослободување од партиципација на студентите од семејства со лични примања пониски од просекот во Македонија и на докажано талентираните и најдобрите студенти за студирање во Македонија и нивна поддршка за студии во странство. Предвидуваме и стипендии за наградување и мотивација на најдобрите студенти и вработување на 200 најдобри студенти кои завршиле додипломски студии на државните универзитети во земјата.
Исто така се обврзуваме на: ПОДОБРУВАЊЕ НА СТАНДАРДОТ НА УНИВЕРЗИТЕТСКИОТ КАДАР. Во моментов, вреднувањето на трудот на универзитетскиот кадар е релативно ниско во споредба со вреднувањето на истиот кадар во земјите во регионот. За таа цел, во следните години ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на подобрување на вреднувањето на трудот на универзитетскиот кадар и подобрување на неговиот стандард со најмалку 5% зголемување на платите годишно.
За еден од суштинските проекти го сметаме и проектот: ЗАЈАКНАТИ КАПАЦИТЕТИ ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ СПОРЕД ПОТРЕБИТЕ НА ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ. Зајакнување на капацитетите на единиците на државните универзитети во Македонија со наставен и технички кадар, по направена анализа на состојбата. Интензивирање на процесот на адаптација и постојана евалуација на студиските програми според потребите на пазарот на труд, како и уписна политика на студентите во согласност со потребите на пазарот на труд.
Високото образование бара темелна и суштинска обнова, да го започнеме тоа заедно на 15 јули!“, истакна Ангелевска.

GOLD
To Top