Новости

Битола инфо

Вардар ја освои Битола и се врати во пол позиција за титулата

Ракометарите на Вардар 1961 изборија победа над Еурофарм Пелистер од 26-23 во големото дерби во најсилната македонска ракометна конкуренција.

Ова беше дерби да се биде или не, домаќините ќе беа задоволни и со реми затоа што ќе останеа во пол позиција за титулата, додека за гостите единствена опција им беше победата, победа која ја остварија и сега ќе треба да се случи вистинско чудо за да титулата не остане во Скопје.

Вечерва во салата „Боро Чурлевски“ во Битола беше супер возбудливо низ сите 60 минути, двете екипи имаа свои моменти, подеми, падови, ама на крајот квалитетот и искуството пресуди, па „црвено-црните“ беа подобри кога беше најпотребно и дојдоа до целта на ова гостување.

Првиот дел заврши со резултат 11-11, долго време се водеше битка и во вториот дел каде пресудна беше завршницата во која избраниците на Дејвис подобро се снајдоа и остварија голем триумф.

Куни Моралес со девет гола беше најефикасен во победничкиот тим, шест гола даде Талески, додека на спротивната страна Обрадовиќ со пет и Граџан со четири гола беа први стреци.

Одлична партија имаа голманите, кај Вардар особено импресивен во вториот дел беше ветеранот Ристовски, додека Секељи бранеше на високо ниво кај пелистерци.

Вардар до крајот на сезоната игра со Еурофарм Пелистер 2, Бутел и Тиквеш, додека битолчани имаат соочувања со Охрид, Бутел и вториот тим на Пелистер.

Евротип
SNBROKER
To Top