Новости

Битола инфо

Владата финансиски ќе им помогне на граѓаните што претрпеа штети од земјотресот во Битола

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски и Претседателката на Советот на општината Габриела Илиевска, денес остварија работна средба со високите претставници на Владата на Република Македонија и тоа: Љупчо Николовски, Заменик на претседателот на Владата, Горан Милевски, Министер за локална самоуправа, Благој Бочварски, Министер за транспорт и врски, Јетон Шаќири, Министер за информатичко општество и администрација, Гоце Георгиевски, претседател на Комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата од елементарни непогоди, како и пратеничките Силвана Ангелевска и Бисера Костадиновска – Стојчевска.

Главна тема на денешната работна средба, беше состојбата во Битола, после серијата земјотреси кои се случија на 9 јануари, како и начинот и процедурите кои треба да се спроведат за надомест на штетите.

Градоначалникот Коњановски, ги информираше владините претставници, дека од страна на општина Битола, процедурите се веќе отпочнати со формирањето на комисија за проценка на штетите од земјотресот. Коњановски додаде, дека денес, од негова страна е остварена средба со претставници на ИЗИИС, кои заедно со комисијата за проценка на штети, веќе се на терен и работат на увид на состојбите.

Денешната посета од страна на претставниците на Владата доаѓа и по донесениот Заклучок од страна на Советот на Општина Битола и испратеното барање од страна на претседателката на Советот Габриела Илиевска за одржување на итна седница на Владата, на која ќе се разгледа состојбата во Општина Битола после земјотресот и ќе се донесе Одлука за обезбедување средства за санација на штетите предизвикани од земјотресот, имајќи предвид дека дел од оштетените објекти се во надлежност на централната власт.

Главна заложба на локалната самоуправа е да се постигне навремено завршување на процедурите и обештетување на граѓаните, како и навремена санација на штетите на повеќе објекти, меѓу кои и јавните институции, како: клиничката болница, детските градинки, како и образовните институции.

На средбата, од страна на Општина Битола, беше отворено и прашањето за неисплатениот надомест на штетите од невремето во Битола во 2018 година, за што од страна на претставниците на Владата беше даден одговор дека оваа постапка ќе биде завршена, согласно методологијата.
Вицепремиерот Николовски изјави дека Владата на вчерашната седница донесе повеќе заклучоци за заеднички да им се помогне на граѓаните кои претрпеа штети од земјотресот во Битола.

„Институциите мора да работат во служба на граѓаните, затоа сите правни, легислативни инструменти и механизми коишто законите ги даваат низ постапките и процедурите треба да ги спроведеме час поскоро се со цел да бидат работите вратени во нормала. Владата изрази целосна подготвеност да што побрзо бидат санирани сите штети, особено во јавните институции кои се важни за сите граѓани, за да може клиничката болница, останатите здравствени установи, образовните институции и градинките да функционираат. Во оваа прилика ја изразуваме целокупната поддршка да овој процес и низ овие маки и проблеми коишто ги осетија битолчани да знаат дека институциите, општината, Владата сите заедно стојат на иста страна со граѓаните и дека сето ова ќе биде надоместено од страна на општината и Владата“, изјави заменик-претседателот на Владата Николовски.

Формирана е Комисија за проценка на штетите согласно Законот за заштита и спасување. Министерот за локална самоуправа Милевски изјави дека планирано е да се подели целиот процес за начинот на помош на два дела.

„Едниот дел е брза санација на јавните институции, бидејќи неопходно е болницата веднаш да се стави во функција, и независно што градинките и училиштата се под локално ниво сметаме дека ние треба целосно да го финансираме тоа реновирање и битно е Комисијата и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија да дадат што е можно побрзо проценка за да може брзо да се интервенира со финансиски средства од страна на ресорните министерства“, изјави министерот Милевски.

Рокот за пријавување на штетите од страна на граѓаните е до 26-ти јануари.

Евротип
SNBROKER
To Top