Новости

Битола инфо

ВМРО-ДПМНЕ во Битола ја промовираше изборната програма „Обнова на Македонија“

ВМРО ДПМНЕ денеска од Битола започна со промоција на својата програма наречена Проект „Обнова“. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски пред битолчани потенцираше дека проектот „Обнова на Македонија“ опфаќа мерки и планови кои се изготвуваа повеќе месеци од врвни експерти од земјата и странство и е базирана на директни потреби на граѓаните.

„Секој еден човек не треба да се плаши да го промени мислењето и да поддржи нешто што вреди, а Македонија вреди повеќе од се друго. Обновата е и обнова на духот, победа над просечноста и статус кво на политиките, обнова на институциите, обнова на вредностите. Но и обнова на идеалите, човекот верува и сонува, и тоа мора да го вратиме, и да го одржиме пламенот за нашата Македонија. Европска Македонија е возможна, и ќе се избориме заедно за неа. Не ова што го имаме денес, а тоа е обесправена, Македонија изгубена помеѓу патот на криминалот и корупцијата, во чекалницата на ЕУ далеку од можноста за пристоен живот“, изјави Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО ДПМНЕ.


Тој во своето излагање истакна:

„Нам не ни се потребни мали придвижувања, туку големи чекори напред и големи победи. Затоа се обврзуваме на раст на БДП од минимум 4% секоја година, невработеност под 10%, повисоки плати за минимум 25%, ниски даноци, најниски во Европа од 8%, воведување на реиндустријализација која ќе донесе повеќе пари за секого. И верувам и знам дека Македонската економија можеме да ја направиме да биде прва на Балканот.
Обнова која носи убави нешта за работниците, земјоделците, стопанствениците, пензионерите, невработените, младите и старите, мажите и жените, сите оние кои денес заедно со нас на нозе се креваат, се креваат и креваат глава гордо, високо, и се исправаат!
За младите кои ќе се вработат мора да има пониски даноци, тие да студираат на барем еден македонски универзитет кој што ќе биде во првите 1000 на Шангајската листа, студентскиот стандард ќе биде сериозно зголемен, и ќе бидат обезбедени серија на мерки кои значат повеќе можности за секој еден од нив. Мора да си ги вратиме децата во нашата земја. Да ги наполниме испразнетите градови и села. За образовните работници, наставниците и професорите ќе извршиме усогласување на платите со Колективниот договор во образованието, за просветните работници во основното и средното образование личен доход од 36.000 денари месечно, за вработените во високото образование до 100.000 денари месечни примања. Ќе обезбедиме целосно реновирање и реконструкција на студентските домови, ќе одвоиме 4 милиони евра за претприемачка иницијатива на млади и одвојување 1 денар од акцизата на нафтените деривати во малопродажбата. Овие средства ќе се користат за развој на спортот, спортската инфраструктура и науката во спортот познат како спортски денар.
За земјоделците ќе обезбедиме повеќе пари, субвенции во износ минимум 640 милиони евра во еден мандат и сигурен откуп. Нов концепт во земјоделието, едноставни и брзи процедури, 80 милиони евра за нови водоводни мрежи за еден мандат, кредитен револвинг фонд за откуп на земјоделски производи, повеќе од 50% покривање на трошоците за механизација, добиток и насади.
Битола е град на културата, на револуцијата и на македонскиот копнеж. Ќе го вратиме сјајот во Битола. Ќе овозможиме обнова преку подобри услови за живот, ново автопатско поврзување на Битола со Скопје преку Прилеп и Велес преку изградба на автопатот кој што е планиран во проектот Обнова на Македонија, од Скопје преку Велес, Прилеп до Битола и границата со нашиот јужен сосед. Гасификација на Битола, но вистинска гасификација, не онаа која што е ветувана со години а никогаш не е испорачана. Бесплатен приклучок за секое семејство, пола од трошоците за енергетска фасада и прозорци покриени од државата, ревитализацијата и модернизацијата на рударско-енергетскиот комбинат во Битола, за почист воздух во Битола, модернизација на фудбалскиот стадион во Битола, осовременување на културните установи во Битола и многу други проекти и содржини. Културата и поддршката на туризмот и младите ќе биде нашиот фокус, но што би зборел јас во културата повеќе од еден Игор Дурловски кој што е носител на изборната листа на победничката коалиција За Обнова на Македонија во изборната единица 5.“

Денешниот акцент на промоцијата беше на здравството и економијата. Се обратија и советниците од стратешкиот тим кои беа дел од изработката на програмата, д-р Сашко Кедев и професорот Трајко Славевски.

Програмата содржи над 1000 проекти, а главниот фокус ќе биде економијата и подигнување на животниот стандард.

GOLD
To Top