Новости

Битола инфо

Во тек се уписите за прво одделение во основно музичко училиште во Битола

Во тек се уписите за прво одделение во основно музичко училиште во Државното музичко училиште во Битола. Запишувањето се врши преку електронска пријава достапна на google forms.
Деветгодишното музичко образование ги нуди инструментите: пијано, виолина, виола и виолончело. Шестгодишното музичко образование ги нуди ударните инструменти, труба, флејта и хармоника, додека тригодишно музичко образование нуди контрабас и соло пеење.
Музичкото училиште во Битола е меѓу најстарите училишта во Македонија. Формирано е во 1946 година, а со настава започнува следната 1947 година откако биле обезбедени услови за започнување на настава. Во досегашното 74 годишно работење, од нашето училиште произлегле врвни музичари, педагози, диригенти, композитори и многу други музички културни дејци. Исто така нашето училиште може да се пофали со бројни музички уметници од естрадната сцена, музички виртуози и амбасадори на Македонија.
И денес музичкото училиште е расадник на музички таленти. Нашите ученици активно учествуваат на државни и меѓународни натпревари и фестивали, каде секогаш котираат високо и освојуваат високи награди. Голем дел од нашите матуранти со стекнатото музичко знаење се запишуваат на престижни факултети во земјава и странство. Последните години активно се работи на подобрување на условите за работа во нашето училиште. Освен внатрешно и надворешно уредување на двата објекти со кои располагаме, училиштето може да се пофали со зголемен број на инструментариум, што претставува голем бенефит во работата со нашите ученици.
Ги повикуваме сите талентирани дечиња да станат дел од нашето големо музичко семејство, да стекнат знаење кое ќе ги надополнува како личности целиот живот.
Сите информации за нашите успеси, настани, уписи и сл. следете ги на фејзбук страната (Државно музичко училиште – Битола) која е активна од 2014 година, а изобилува со бројни информации. Следете го и youtube каналот (ДМУ – Битола) каде секојдневно се објавуваат концерти од нашата богата музичка архива, а наскоро очекувајте ја и нашата веб страна (muzickobitola.edu.mk) со богата галерија и дневни новости.

м-р Маја Митровска
наставник по соло пеење

 

Евротип
Евротип
To Top