Новости

Битола инфо

Вработувањата во јавните претпријатија на дневен ред во битолскиот совет

На дневен ред на денешната седница на Советот на Општина Битола беа планираните 67 вработувања во јавните претпријатија во Општина Битола. Од опозицијата велат дека иако е тоа технички документ кој се носи согласно Законот за административни службеници, и согласно методологијата за вработување во јавниот сектор, сепак имаат забелешки.

-Имавме две забелешки. Првата се однесува на самиот закон, кој што го става во подредена позиција квалитетот на самите кандидати наспроти се друго како критериум, што е за нас дискутабилно и сакавме да покренеме со нашите дискусии и иницијатива за ревизија на овој закон за да се добие подобрена верзија, затоа што сме свесни дека во рамките на овој совет немаме такви ингеренција да зборуваме за таа законска одредба во смисла нејзино изменување. Втората наша забелешка беше тоа што станува збор за вкупно 67 вработувања, колку што немало во изминативе 10 години во јавните претпријатија. Токму тоа ни дава сомнеж дека, со оглед на тоа дека доаѓаат избори, локални, дека сето ова е во функција на самите локални избори што се однесува до вработувањето и нивната бројка, изјави Наташа Петровска, советник од СДСМ.

Од владејачкото мнозинство објаснуваат дека тие планови се всушност планирање на јавните преторијатија за вработување во годината која следи, врз основа на планирани пензионирања на вработените, најавени отсуства, завршување договори на дело или договори на определено време.

-Она што беше спорно на денешната седница беше зошто во плановите се планираат повеќе вработувања од онолку луѓе кои ќе се пензионираат. Треба да нагласиме дека тоа е така затоа што ЈП го планираат идеалниот број на вработувања односно идеалниот број на вработени кои нив им се потребни во текот на една година, без разлика дали тие ќе се реализираат или не. Што значи дека, не значи дека доколку работното место е планирано истото ќе се реализира. ЈП има потреба од тоа вработување, но најмногу зависи дали се обезбедени финансиски средства за тоа вработување, тоа е клучно. Но, доколку ЈП не испланира некое работно место, за кое во текот на годината ќе обезбеди финансиски средства, истото ЈП не смее да распише оглас затоа што тоа работно место не било предвидено со планот за вработување. Во немање аргументи се прави обид за предизборна манипулација. ЈП го планираат идеалниот број на вработувања, врз основа на зголемениот обем на работа, или на внатрешната организација на јавното претпријатие, ЈП има потреба од тие 76 вработувања, но не значи дека истите ќе се реализираат и дека за истите имаат или ќе добијат финансиски средства, рече Елена Трајчевска, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Според доставените материјали од јавните претпријатија, нови вработувања во „Нискоградба“ ќе има 31, во „Комуналец“ 22, „Водовод“ 8 и во „Пазари“ 6. Во „Нискоградба“ се најавени 9 заминувања, а во „Комуналец“ заминуваат шестмина.

GOLD
To Top