Новости

Битола инфо

Започнува реализацијата на Старт ап програмата во рамките на локалното партнерство за вработување (ЛПВ) –Битола Старт ап Центар

Битола Стартап е првото локално партнерство за вработување кое се спроведува во рамките на проектот на Меѓународната организација на трудот „Зајакнување на социјалниот дијалог“ со финансиска поддршка од Европската унија. Општина Битола е единствена општина, избрана помеѓу 12 апликации од различни општини, која го имплементира овој пилот проект во Македонија. Локалното партнерство за вработување се појавува точно во клучен момент кога на Битола и е потребно раздвижување на економијата и поттикнување на можностите за вработување. Во ситуација во која што се наоѓаме, соочени со сите предизвици предизвикани од Ковид 19, оваа заедничка иницијатива е уште позначајна бидејќи вклучува соработка на јавни институции, приватен сектор и невладини организации и покажува волја и соработка на локално ниво за решавање на клучни прашања. Под водство на Локално економскиот Совет во општина Битола, партнерите (Општина Битола, Младински културен центар-Битола, Фондација за одржлив економски развој ПРЕДА плус, Техничкото училиште „Ѓорѓи Наумов“, Регионалната стопанска комора Битола, Агенцијата за вработување Битола, Интерворкс Едукативен Центар – Битола, Универзитет “Св. Климент Охридски“ Битола) ќе спроведат активности за поголема вработливост во Пелагонискиот регион, промовирање на екосистем за стартапи и поддршка на претприемништвото.

Планираните активности предвидуваат:
-Старт ап програма која ќе ти обезбеди менторските услуги за развој на бизнис идеи и финансиска поддршка за започнување на бизнис ( програма во реализација на ПРЕДА плус Фондација)
-Саем на кариера кој што ќе овозможи поврзување на компаниите со барателите на работа ( во реализација на Младински културен Центар-Битола)
-Програма за развој на ИТ вештини која ќе понуди обуки за практични ИТ вештини за директно вработување во ИТ секторот ( во реализација на Интерворкс Едукативен Центар)

„Битола старт-ап поттикнува иницијативност младите луѓе да останат во својата држава. Проблемот на одлив да го намалиме, проблем кој не е само локален, туку е навистина поширок и е евидентен. Затоа Општина Битола, со огромна поддршка стои зад оваа иницијатива која ќе докаже дека И од Битола се може“, изјави Наташа Петровска, градоначалничка на Општина Битола.

„Општина Битола навистина заслужено го доби овој проект кој е пример за партнерство. Важно е да се истакне дека ниту една политика не може успешно да се имплементира доколку во неа не се вклучат сите засегнати страни, односно доколку не постои дијалог. Дијалогот е најсоодветна алатка за изнаоѓање на вистински решенија. Тоа тука го имаме. Потребите на локалниот пазар на вработливост го знаат луѓето од регионот за кој зборуваме, затоа вакви практики ќе успеат“, истакна Енвер Хусејин, заменик министер за труд и социјала.

„Кога зборуваме за проблемите на младите во Република Северна Македонија мислиме на немање на можности. Исто така кога мислам на проблемите на младите, не мислам само на Скопје, туку за младите на територијата на целата земја. Младите тука преферираат работа во јавниот сектор, што е спротивно на генералната тенденција, кога се луѓето млади тие се креативни, имаат идеи и треба да се впуштат во поинакви води на првите вработувања, собирање на искуства и создавање на лични почетоци“, рече на денешниот настан Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка во Делегацијата на Европска Унија во Република Северна Македонија кој се обрати преку ZOOM.

„Локалните партнерства за вработување можат да бидат ефективен метод и нивната цел е креирање на повеќе и подобри работни места. Во ваквите проекти, она што е важно е што нудат креативни и иновативни вработувања, особено на младите луѓе и оние од ранливите групи“, потенцираше Наташа Симјановска, проектна координаторка на Меѓународната организација на трудот со седиште во Скопје.

Денес ПРЕДА плус Фондацијата, во рамките на Битола старт ап Центарот започнува со релизација на двомесечна стартап програма „И ОД БИТОЛА СЕ МОЖЕ“ наменета да поддржува иновативни идеи во рана развојна фаза.

„Преку онлајн апликацијата добивме вкупно 56 бизнис идеи. Комисијата за евалуација на пристигнатите идеи, ги избра најдобрите 20 бизнис идеи, кои ќе бидат вклучени во програмата, следејќи неколку основни критериуми: иновативност, профитабилност и изводливост на аплицираните бизнис идеи. Стартап програмата во период од 3 месеци ќе понуди менторски услуги за креирање на бизнис модели; тренинзи од еминентни професионалци од македонскиот стартап екосистем за водење на бизнис; можност за вмрежување со бизнис заедницата; презентација на бизнис идеите пред потенцијални инвеститори и финсиска поддршка за најуспешните бизнис идеи. Вкупната вредност на финансиската поддршка што ќе биде распределена на најдобрите бизниси во оваа грантова шема изнесува 740.000 денари”, истакна Лидија Ангелова, проектна координаторка на Преда Плус.

Старт ап програмата се реализира во просториите на Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) кои како дел од ова партнерство отстапија простор каде што ќе биде сместен Битола Старт ап Центарот. Преку овој проект Факултетот ќе добие опрема и мебел, со што ќе се овозможат услови за понатамошно одржливост на овој центар. Во иднина, планирано е во овој центар ќе се реализраат иновативни и инвентивни програми кои ќе крираат стартапи и ќе создаваат нови работни места.

“Со сетот на добро осмислени активности, овој проект се приближува до младите, нивните егзистенцијални потреби, ја развива нивната креативност и смисол за претприемништво и тимска работа, ги подобрува нивните ИТ и други вештини неопходни за денешното современо, динамично и поинакво опкружување. Но, да не ја заборавиме и додадената вредност на ова локално партнерство, а тоа е толку потребниот пристап до маргинилизираните групи, со посебен акцент, покрај на младата популација, на Ромите, на жените… Длабоко сум убеден дека креирањето поволен претприемнички екосистем што е основната цел на проектот, со финансиска поддршка од Европската Унија не само што ќе ги даде посакуваните резултати туку дека уште еднаш ќе посведочи за важноста на одржливите партнерства помеѓу локалните власти, бизнис секторот, невладиниот сектор и секако, но не помалку важно – образовните институции. Среќен почеток за стартап програмата, за стартап Центарот – да бидеме позитивен пример, и на овој начин да докажеме дека со партнерство, иновативност и креативност, навистина „И ОД БИТОЛА СЕ МОЖЕ !”, истакна Сашо Коруновски, ректор на универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола.

Битола Старт-ап центарот ги обединува сите потенцијали и капацитети на градот во насока на намалување на невработеноста и зголемување на капацитетите на невработените лица. Функционирањето на еден ваков Старт-ап центар е потврда за Битола дека е достојна на епитетот УНИВЕРЗИТЕТСКИ град.

„Потврдува дека Битола умее да ги користи сите капацитети во насока на задржување на младите и мотивирање да си создадат своја работна позиција, ги мотивира да бидат креативни и иновативни, поттикнува претприемништво, она што во овие услови е неопходно, не само за личниот и професионален развој на младите туку и за развојот на градот во кој живеат и творат. МКЦ – Битола ги става своите ресурси и капацитети, вклучително и Саемот за кариера – настан кој е препознатлив кај јавноста како алатка за намалување на младинската невработеност, во служба на Битола Старт-ап центарот. Целта на Саемот за кариера е поврзување на бизнис заедницата (промоција на отворени работни позиции) со млади невработени лица. Другиот аспект на овој настан е мотивирање на младите да останат во Македонија, да започнат свој сопствен бизнис и/или да се вклучат во едукативни програми и да работат на сопствениот кариерен раст и развој“, рече Сашо Додовски, директор на МКЦ-Битола.

Сведоци сме на сè поголемата потреба од дигитални вештини и побарувачката за кадар кој ги владее истите. Последните месеци ни покажаа дека дигиталната трансформација и ИТ вештините се неопходни за сите компании кои сакаат да опстојат но и да бидат успешни. Од таму и потребата за кадри во ИТ индустријата расте секојдневно.

“Водени од идејата да изградиме комплетни ИТ професионалци подготвени да работат во било која ИТ компанија, во 2019 го формиравме Интерворкс Едукативен Центар. Решивме да понудиме една Академија и мноштво уникатни курсеви на различни теми како Cloud, Data management, тестирање и други кои на повеќе од 50% од нашите слушатели им помогнаа да стигнат до нивната прва работа. Идејата на проектот ЛОКАЛНИ ПАРТНЕРСТВА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ (ЛПВ) e многу слична на нашата и без двоумење се приклучивме на истата. За таа цел креиравме специјална програма за развој на ИТ вештини која ќе им ги даде на кандидатите потребните практични вештини за директно вработување во ИТ секторот.”- изјави Деан Јошевски- Интерворкс Едукативен Центар.

GOLD
To Top