Новости

Битола инфо

Изложба на детски ликовни творби во Центарот за култура Битола

Од 07 до 20 декември 2020 година во Фоајето на НУ Центар за култура – Битола се реализира Изложба на детски ликовни творби изработени во рамките на шестата по ред Детска ликовна работилница на тема „Народната култура – Трајна инспирација“.

Детската ликовна работилница „Народната култура – трајна инспирација во моето творештво“, претставува природно програмско надоградување на Државната изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“ Битола.

Целта е да им се овозможи на децата кои создаваат творби инспирирани од народната култура како и на нивните ликовни педагози, да се надоградуваат преку учество на ликовната работилница при што им се овозможува да посетуваат информациони предавања во врска со материјалното културно наследство, ликовните техники, како и да се насочува креативниот интерес на младите творци кон традиционални вредности.

Шестата по ред Детска ликовна работилница на тема „Народната култура – Трајна инспирација“ се одржа на 22, 23 и 24 јули 2020 година.

Со оглед на оклоностите предизвикани од вирусот Ковид 19, а со цел да не се загрози здравјето на нашите најмили, најмалата популација, шестата по ред Детска ликовна работилница „Народната култура – трајна инспирација“ се реализираше ON LINE преку апликацијата ZOOM.

За нејзино успешно реализирање се воспоставија контакти со ликовните педагози и одделенските наставници кои овозможија комуникација со учениците и нивните родители. По воспостави комуникација се дефинира списокот на учесници и преку нивните ментори за секое дете по пошта им беа испратени материјали за работа (блокови за скицирање, акварел бои, четкички за боење, самолеплива хартија во боја, ножички и друго) како и сертификати за учество на работилницата.

Во рамките на работилницата учествуваа вкупно 62 учесници од кои 18 ментори, 41 ученик од 20 основни училишта од Битола, Струмица, Кочани, Куманово, Тетово, Охрид, Велес, Ресен, Прилеп, Ваташа, Долно Палчиште, Росоман, Дреново, Брвеница, Челопек и Гермијан.

Детската ликовна работилница беше реализирана во три дена.

Во рамките на првиот ден на 22 јули 2020 година, по исполнувањето на сите технички и програмски предуслови и вклучувањето на сите учесници на ZOOM апликацијата, учесниците се запознаа со програмата и распоредот за работа со посебен акцент на целите, ефектите и значењето на детската ликовна работилница. За подобра и поефикасна работа се формирани три работни групи од ментори и ученици.

Вториот ден на 23 јули 2020 година се реализираа по две педавања – презентации на секоја од трите група одделно во поединечно траење од по 40 минути. Прво учесниците имаа можност да ја следеа презентацијата на темата „Музејски приказни“ подготвена од страна на д-р Мери Стојанова – етнолог, виш кустот. При тоа учесниците беа запознаени со музејската дејност и со дел од музејските експонати преку интересни слајдови и приказни. Второто предавање, одржано истиот ден, беше на ликовниот педагог Александар Поповски кој што зборуваше за акварел техниката и преку практични примери ја доближи оваа техника до учениците. Неговите излагања на ефикасен и стручен начин ги запознаа учесниците со техниката вода – вода, посно – вода, мрсно – вода и градација при сликањето со акварел боичките.

Третиот ден на 24 јули 2020 година во рамките на првото вклучување м-р Весна Дунимагловска – ликовен педагог, на секоја група одделно им пренесе дел од личното искуство од работата со своите ученици. Преку презентацијата на филм што предизвика големо внимание кај учесниците на работилницата, се запознаа со правењето на мозаици од глинени камчиња и мозаици од колаж хартија и хартија во боја од разни списанија. Второто вклучување истиот ден во траење од 40 минути се состоеше во дискусија, прашања и одговори за се’ она што ги интересираше учесниците. Дадени беа насоки за реализација на практичен дел од работилницата каде учесниците имаа задача да одберат за инспирација некој мотив од народната култура и да изработат творби со примена на техниките кои беа презентирани од страна на предавачите. Како резултат на детскиот креативен труд до Центарот за култура – Битола кој е организатор на Детската ликовна работилница, пристигнаа цртежи преку кои учениците уште еднаш ја покажаа својата креативност, талент и љубовта кон народната култура и традиција.

Работилницата ја подготви и реализира стручен тим во состав: Директор Маја Андоновска Илијевски, м-р Валентин Соклевски – етнолог, Љупка Стефановска – етнокореолог, м-р Весна Дунимагловска – ликовен педагог, Александар Поповски – ликовен педагог, д-р Мери Стојановска – етнолог, виш кустот, Вера Соклевска – одделенски наставник.

Шестата по ред Детска ликовна работилница се реализира во вонредни услови, во време на пандемија, но понуди свежи, иновативни, технолошки актуелни начини на реализација кои овозможија творечки континуитет во областа на традиционалните културни вредности.

Завршна фаза на проектот е изложбата која се реализира од 07 до 20 декември 2020 година во Фоајето на НУ Центар за култура – Битола. Во рамките на изложбата се изложени најдобрите детски ликовни творби изработени на шестата по ред Детска ликовна работилница на тема „Народната култура – Трајна инспирација“.

GOLD
To Top