Новости

Битола инфо

Кондовски: За прв пат во историјата на битолскиот спорт Чкембарите стануваат акционери во ФК Пелистер

ФК Пелистер повторно ќе биде и битолска и национална гордост, а Чкембарите горди навивачи! Обезбедуваме сигурност и стабилна иднина за ФК Пелистер!
Со овие зборови денеска на Стадионот под Тумбе кафе во присуство на повеќе спортски професионалци, кандидатот на СДСМ и коалиционите партнери за градоначалник на Општина Битола, Христо Кондовски изјави дека во завршна фаза е процесот на купопродажба на Фудбалскиот клуб Пелистер.


„Како што ветив на првиот ден од предизборната кампања и на големиот предизборен митинг во Битола, но и како што во минатиот период го помагав фудбалскиот клуб Пелистер среќен сум денеска да најавам дека во идните неколку седмици ќе заврши процесот на купопродажба на ФК Пелистер. Веќе е потпишан преддоговор клубот да го купи човек за кој верувам дека максимално ќе се вложи за доброто на истиот. Јас и моите партнери ќе стоиме зад клубот со финансиска поддршка се додека клубот не застане на стабилни нозе!“-рече Кондовски.


Тој додаде и дека е многу сум среќен и затоа што прв пат во историјата на битолскиот спорт, инвеститорот ќе оддели 10% од акциите како подарок за навивачката група Чкембари.
„На тој начин Чкембарите ќе бидат дел од управата на клубот, односно за прв пат и тие ќе бидат сопственици како акционери. Нивниот глас ќе се слуша исто како и гласот на Општината и сопствениците на клубот. Ова значи дека клубот ќе биде во сигурни раце! Во раце на луѓе кои сметам дека добро ќе го водат, а јас останувам да ги помагам! Обезбедуваме сигурна и стабилна иднина за ФК Пелистер!“-порача Кондовски.
На прес конференција се обрати и Пеце Стојчевски, доминантен акционер во ФК Пелистер.


„Во преговори сме и во наредните две до три недели треба официјално да се заврши купопродажбата на ФК Пелистер. Јас и понатаму ќе стојам на располагање со сите мои капацитети и ќе придонесувам за клубот. Дадов максимална жртва за клубот и покрај тешките околности. Многу често Христо Кондовски ми помагаше и му верувам на Христо дека со своето лобирање, посредништво и визија ќе ја заврши докрај оваа работа. Верувам дека клубот со тоа ќе има европска иднина.“-рече Стојчевски.
Спортскиот директор на ФК Пелистер, Пеце Коруновски, изрази уверување дека ова ќе значи стабилна иднина за клубот, но и негов раст и развој кон нови победи.
„Можам да потврдам дека досегашниот сопственик даде се од себе за ФК Пелистер. Исто така можам да потврдам дека Христо Кондовски и тоа како го помагаше и го помага опстојувањето на клубот. Му верувам на Христо во неговата желба, намера и амбиција да го реанимира клубот, бидејќи и досега многу помагаше. Затоа, уверен сум дека доаѓаат навистина добри времиња за ФК Пелистер. Среќен сум и да кажам дека останувам спортски директор, а во иднина ќе имам уште поголеми ингеренции за уште поуспешно да го управувам клубот!“-рече Коруновски.
Поддршка за европска иднина на клубот изрази и Наумче Мојсоски, претседател на Комисијата за спорт на СДСМ.
„Верувам дека поддршката за клубот ќе продолжи и дека како што кажа и Христо Кондовски новите инвеститори ќе дадат максимум за европска иднина на ФК Пелистер. Клубот тоа го заслужува. Секако тоа ќе биде и со поддршка на државата и ваучерите кои следуваат на клубовите, што се надевам дека ќе помогне за одлични успеси натаму. Јас како спортист и поранешен ракометар најубавите години ги поминав во овој клуб и ова ми буди спомени и затоа се надевам дека Пелистер и ракометот и фудбалот ќе одат напред, а Чкембарите ќе ги следат низ Европа. Овој град заслужува да има таков клуб.„-рече Мојсоски.
Чкембарите со одушевување ја прифатија веста дека за прв пат во историјата на битолскиот спорт ќе станат акционери во ФК Пелистер.
„Денес имаме посебна причина за прослава. Покрај тоа што во 15 часот играат Пелистер Тиквеш, денеска добивме потврда дека во наредните седмици навивачката група Чкембари ќе стане дел од сопствениците на ФК Пелистер. Остануваме да го бодриме и поддржуваме клубот, но денеска одиме и чекор понапред бидејќи ќе станеме дел од клубот како акционери. Му благодариме на Христо Кондовски за иницијативата и заложбата конечно ФК Пелистер да добие сопственици кои ќе бидат доволно амбициозни за да го издигнат фудбалскиот клуб на повисоко ниво.“-рече Николче Лазаревски, еден од претставниците на навивачката група Чкембари.

Евротип
Евротип
To Top