Новости

Битола инфо

Министерот Чулев подели заштитни маски во Битола

Министерот Чулев денеска во рамки на своите работни активности оствари работна посета и имаше работен состанок со раководството на СВР Битола. На состанокот од страна на раководството на СВР Битола министерот беше запознат со мерките и активностите кои се преземаат од страна на СВР Битола, а се поврзани со справувањето со пандемијата од корона вирусот. Во таа насока од страна на секторот за внатрешни работи до сега се изречени вкупно 1904 прекршочни казни за неносење заштитна опрема и се поднесени 382 кривични пријави против 579 сторители по член 206 од кривичен законик, односно за непочитување на забраната за движење. Генералниот впечаток од состанокот во врска со постапувањето на полициските службеници е дека ширењето на пандемијата на територијата на Секторот за внатрешни работи Битола е ставено под контрола, граѓаните се совесни и ги почитуваат мерките за заштита на сопственото здравје и за користење на заштитна опрема.

Статистичките податоци поврзани со криминалитетот бележат надолна тенденција, особено во областа на имотните деликти, а што однесува со семејното насилство истото не бележи значителна нагорна тенденција за време на ограничување на движењето на граѓаните.

Исто така тема на работната средба беа и претстојните парламентарни избори при што раководството на СВР Битола го запозна министерот Чулев дека секторот за внатрешни работи е подготвен за организација на изборите, за што говори фактот дека на територија на овој сектор не е потврден ниту еден случај на вработен во Министерството за внатрешни работи кој е позитивен на Covid- 19. Во тој контекст министерот Чулев потенцираше дека во фаза на изработка е протокол за организација на изборите во услови на коронавирус и по негово завршување ќе се изврши измена во мобилната апликација за полициските службеници и ќе се реализираат нови обуки кои ќе бидат прилагодени на овој протокол. Неопходно е да се преземат сите активности со кои ќе се гарантира здравјето на граѓаните, но и ќе се спречат сите изборни нерегуларности, со што ќе се гарантира дека изборниот циклус ќе биде фер и демократски, потенцираше министерот Чулев во своето обраќање.

Во рамки на работната посета министерот Чулев присуствуваше и на превентивна акција во чии рамки од страна на полициските службеници беа поделени заштитни маски на граѓаните на Битола. Во оваа прилика министерот уште еднаш апелираше до граѓаните да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките за заштита на своето здравје.

GOLD
To Top