Новости

Битола инфо

МНД Битола на наставниците од Битола им го подари прирачникот „Ајде да зборуваме и да пишуваме правилно македонски“

По повод големиот јубилеј, 100 години од раѓањето на академик Блаже Конески, Македонското научно друштво на наставниците од основните и средните училишта во Битола им го подарија прирачникот „Ајде да зборуваме и да пишуваме правилно македонски“ од Здравко Божиновски.

Претседателката на МНД Битола, д-р Невена Груевска на настанот истакна:

„Подготвувајќи се за овој настан, уште еднаш се навратив на Записникот на младите битолчани интелектуалци кои пред 61 години го формираа Научното друштво. Во тој документ посочено е дека нивниот основен мотив е да им се овозможи на сите културно-просветни и други работници афирмација во однос на научно прибирање и публикување на разни трудови на македонски јазик.
Грижата за македонскиот јазик во нашето Научно друштво се води од првиот ден, во текот на целиот изминат период, а така е и денес.
Но, оваа година, ние, нашата генерација имаме дополнителен мотив поврзан со големиот јубилеј 100 години од раѓањето на академик Блаже Конески, еден од втемелувачите и кодификаторите на современиот македонски литературен јазик. Кога зборуваме за Конески, невозможно е да се направи куса ретроспектива на неговите дела и заслугите кои тој ги има за Македонскиот јазик, литература и култура. Тој е и истакнат прозаист, есеист, публицист, литературен историчар, полиглот, препејувач од многу јазици на делата на низа поети. Неговите дела се преведени на голем број јазици. И ден-денес неговото име се споменува доста често во научните и културните кругови. Иако е личност со мошне звучна биографија, останува забележана неговата скромност.
Како што е познато нашите програмски активности ги посветуваме на овој јубилеј, и затоа со одлука на Управниот одбор, точно во овој месец, кога славиме уште еден значаен датум- 24-ти мај денот на македонските просветители Св. Кирил и Методиј прогласени за патрони на Европа (признание дадено од Ватикан) со својата извонредно важна и суштинска мисија , да се потенцира значењето за единство на европските народи, чие културолошко мото е – единствени во различноста, а впрочем и во таквиот космоплитизам е есенцијата на заложбите на Кирил и Методиј, чие битие за навек се вкорени во културната историја на Европа, го организираме овој промотивен настан низ кој на сите наставници во основните и средните училишта во Битола им подаруваме по еден прирачник со наслов „Ајде да зборуваме и да пишуваме правилно македонски“.
Зошто се одлучивме на овој чекор!? Затоа што сакаме директно да придонесеме за правилното зборување и пишување македонски. Затоа што сакаме точна употреба и примена на македонскиот јазик и затоа што сакаме да дадеме пример како треба да се бориме против сите деформации на литературниот јазик кои во најголем дел од незнаење ги прават различни генерации, а за жал се се позачестени во секојдневната комуникација.
Прирачникот го подаруваме на наставниците во основните и средните училишта во Битола, кои низ директен контакт со младата генерација, а со наша поддршка ќе придонесат за да зборуваме, и да пишуваме правилно македонски!
Автор на прирачникот со наслов „Ајде да зборуваме и да пишуваме правилно македонски“ е нашиот член, лектор и публицист Здравко Божиновски, научен работник, македонист, фолклорист, писател, поет, препевач на светската класична поезија и еден од најстарите членови на Македонското научно друштво во Битола (1963), роден на 01. 10. 1940 г. во с. Барешани, Битолско, Гимназија заврши во Битола, а Филозофски факултет, група Југословенска книжевност и македонски јазик, во Скопје.
Во 1968 год. се вработил како лектор, а потоа како Советник за заштита на македонскиот јазик во Собранието на Општината Битола, од каде во 2005 г. заминал во пензија.
Печатени 11 книги и 35 научни статии од областа на нашата национална историја, литература и македонскиот јазик.
Учество со реферати на 19 конгреси и симпозиуми.
Печатени 14 збирки со македонски препеви од руски и од англиски јазик на четиринаесет илјади (14.000) стихови од поезијата на 8 светски класични поети.
Книгите и збирките со препеви, 31 издание, печатени се во тираж од четириесет илјади (40.000) примероци!
Добиени 17 национални и интернационални награди и признанија.
Внесен e во Македонската енциклопедија.“

Евротип
SNBROKER
To Top