Новости

Битола инфо

Новите павилјони во пазарот во Битола ќе бидат пуштени во употреба на почетокот на јули

При посетата на Општина Битола, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски и градоначалничката Наташа Петровска го посетија и Градскиот пазар, каде во тек се реконструктивните зафати на делот околу управната зграда. Овој простор има ново соодветно партерно уредување, нов водовод, одвод, покривање, осветлување, а ќе бидат поставени нови тезги збогатени со соодветни хортикултурни решенија.

„Во мојата предизборна кампања како градоначалник беше и реконструкцијата на овој дел од пазарот покрај управната зграда, бидејќи знаеме во каква состојба беше, со недолични најлони за град како што е Битола, кои веќе се отстранети. Ме радува што денес гледаме поинаква слика токму каква што треба да има нашиот град. Кога дојдов како градоначалник, нарачав проектна документација која чинеше околу 180.000 денари, а по изработувањето, аплициравме до АФПЗРР со што го реализиравме овој проект во вредност од 14.308.000 денари, за кој 8.558.000 денари се директно од буџетот на општината. Сликата не се менува само со овој потег, се менува и со направеното во управната зграда, што покажува успешно менаџирање и дава комплетна слика на еден тим на луѓе кои знаат да направат нешто и знаат каде се движат“, рече градоначалничата Петровска.

Директорот на АХВ Николче Бабовски, упати апел до сите продавачи на стоки во Градскиот пазар на почетокот на летниот период, да внимаваат на своите производи.

„Апелирам да се држат строго до правилата кои што се пропишани за таков вид производи, но апелирам и до граѓаните, заедно со нас, да внимаваат и каде и што купуваат. Задолжително да бараат потекло, односно соодветна декларација на производите кои ги купуваат и дали се чуваат во условите кои се пропишани за производот. Засилени се контролите, бидејќи само во првиот квартал се уништени 67 тони небезбеден производ“, посочи Бабовски.

Директорот на ЈП „Пазари“ Владе Атанасовски се заблагодари на соработката и поддршката од општината, особено од градоначалничката Петровска, бидејќи со овој зафат се затвора комплетната слика за битолскиот пазар.

GOLD
To Top